Светската здравствена организација (СЗО) денеска објави дека бројот на нови случаи на коронавирус ширум светот се стабилизира на 4,5 милиони неделно, по постојан пораст во последните два месеца.
Во неделната проценка на пандемијата, СЗО наведе дека бројот на нови инфекции во Западен Пацифик се зголемил за околу 20 проценти, на американскиот континент за 8 проценти, додека во другите региони во светот или останал на исто ниво или се намалил.
Соединетите Држави, Иран, Индија, Велика Британија и Бразил имаат најмногу нови случаи. СЗО, исто така, наведува дека околу 68 000 луѓе починале како последица на „ковид-19“ во светот минатата недела и дека Европа и американскиот континент забележале зголемување на бројот на смртни случаи за околу 10 проценти.
Во извештајот се забележува дека неколку неодамнешни студии покажуваат дека одобрените вакцини продолжуваат да обезбедуваат заштита од сериозни форми на болеста, но дека постојат докази што покажуваат дека вакцините се помалку ефикасни во заштитата од повеќе заразниот делта-сој на коронавирусот.