Деновиве се одржуваат состаноци на советодавните групи на граѓани и на месните и урбаните заедници во Полог за да се намалат и да се спречат ваквите нарушувања на јавниот ред и мир
Неовластеното пукање на семејни веселби може да биде санкционирано како прекршок, но и да биде кривично дело.
Од СВР Тетово појаснуваат дека во наредниве два месеца (јули и август) на поширокото полошко подрачје закажани се и ќе бидат организирани голем број свадбени и други свечености каде што има пукање од огнено оружје, правење огномети и користење пиротехнички средства.
„Пукањето е спротивно на Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, а паричната глоба за ваков вид прекршок, согласно член 31, се движи од 200 до 500 евра. Покрај тоа, зависно од последиците, пукањето може да претставува и кривично дело предизвикување општа опасност, за кое е предвидена и затворска казна од една до пет години (член 288 од Кривичниот законик)“,
истакна денеска портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифоски.
Тој најави дека полицијата во полошкиот регион во наредниов период значително ќе ги засили контролните активности за откривање и санкционирање. Деновиве се одржуваат состаноци на советодавните групи на граѓани и на месните и урбаните заедници во Полог за да се намалат и спречат ваквите нарушувања на јавниот ред и мир.
„Ваквите свечености минатите години, повеќе или помалку, се карактеризираа со повремени нарушувања на јавниот ред и мир, најчесто со пукање од огнено оружје или неовластено приредување огномети, односно употреба на разновидни пиротехнички средства“,
вели Јосифоски.
Тој упати апел до граѓаните да се воздржат од пукање со пиштоли или друго огнено оружје, како и од неовластено организирање огномети, кои во последно време стануваат задолжителна свадбена содржина, односно практика на ова подрачје.
За да се избегнат непријатностите и казнувањата, од СВР Тетово потсетуваат дека свадбените огномети треба задолжително да се пријават во полициските станици или одделенија на подрачјето на кое се организираат, во зависност од нивната категорија, а нивните организатори навреме да ги спроведат пропишаните превентивни мерки. Истото се однесува и на други свечености кои ќе се организираат по различни поводи.