Тетовецот, кој во пожарот ги изгуби таткото и братот, за ДВ изјави дека добивал закани по живот за да не ја каже вистината за трагедијата во ковид-центарот
Во денешниот разговор со полицијата рекол дека прочитал коментари на социјалните мрежи под неговата изјава за медиум, но не ги зачувал
Тој, исто така, не потврдил дека му биле барани пари од медицинскиот персонал, туку дека тој сам им давал пари за подобро да се грижат за неговите најблиски
Во денешниот разговор со полициски службеници од СВР Тетово, тетовецот Ибин Емшиу, кој во пожарот во модуларната болница ги изгубил таткото и братот, по што сведочеше за Дојче веле дека бил заплашуван со убиство за да не ја каже вистината за трагедијата во ковид-центарот, рекол дека немал директна закана, туку дека на социјалните мрежи прочитал такви коментари под неговата изјава за медиум.
Од СВР Тетово попладнево за „360 степени“ соопштија дека денеска претпладне оствариле контакт и разговарале со И.Е. од тетовско Синичане, за што има и службена белешка, по објавувањето на медиумите дека имал закани по живот.
„Тој изјавил дека немал директна закана по неговиот живот, туку дека по дадената изјава за медиум, на социјални мрежи наводно прочитал три коментари во врска со дадената изјава – да внимава што изјавува и дека може нешто да му се случи. Покрај тоа, како што им кажал на полициските службеници денеска, на стакло од неговото возило на лист наводно подоцна му било напишано ‘Внимавај’. Но, не ги сочувал ниту коментарите од социјални мрежи, ниту листот“,
се вели во информацијата од СВР Тетово до нашата редакција.
Тој, исто така, како што велат од СВР Тетово, им рекол на полициските службеници дека никој не му барал пари во болницата, туку самоволно им дал на поединци од медицинскиот персонал за, според него, подобро да се грижеле за неговите најблиски.
„360 степени“ денеска побара информација од СВР Тетово дали кај нив е пријавено дека некој граѓанин добивал вакви закани по живот, по сведочењето на Ибин Емшиу за Дojче веле.
„Ми се закануваат дека ќе ме убијат, но јас сум решен да ја кажам вистината за пожарот во тетовскиот ковид-центар“,
раскажува тој.
Во текстот, исто така, вели дека е гневен на вработените во ковид-центарот, но и на политичарите кои, како што вели, се обидуваат да ја сокријат вистината за трагедијата. Тврди дека морал да им плаќа по 1 000 денари дневно на болничарите за да го негуваат неговиот неподвижен 28-годишен брат, кој боледувал од церебрална парализа.
„Шест дена седев таму. Барав помош за нега на брат ми, затоа што е неподвижен. Од болницата ми рекоа дека немаат слободен човек кој би можел да ми помогне за да му ги менувам пелените. Јас имам свои здравствени проблеми, но бев во состојба да дадам пари за да се грижат за него, и ова го прифатија. Кога дојде работата да платам, тие прифатија да помогнат. Платив за да ми помагаат два пати дневно,”
цели Емишу за ДВ.
Сумата што му ја побарале била 1 000 денари дневно, тврди Емшиу.
По неговото сведоштво, реагираше лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, прашувајќи кој му се заканувал на Емуши.
„Она што е вистинска катастрофа се заканите по живот кон Ибин Емшиу, да не сведочи за фрапантната вистина, за мувлосаниот и скапан здравствен систем, кој доведе до катастрофа .Прашањето е кој се заканувал? Кој сака на овој начин да се убие вистината и кому тоа му одговара? За да не влијаат на истрагата бараме веднаш оставки од Хасани, Филипче и Заев, кои патем да напоменам не чувствуваат ниту морална одговорност“,
напиша Мицкоски на Фејсбук.
Во пожарот што во средата избувна во ковид-центарот во тетовската болница загинаа 14 лица, а причините за трагедијата се цел на истрага на Основното јавно обвинителство – Тетово, а во неа се вклучени и експерти од Германија.