Одлуката таа да биде лауреатот за 2021 година на Струшките вечери на поезијата е соопштена во седиштето на УНЕСКО во Париз, по повод Светскиот ден на поезијата
Британската поетеса Керол Ен Дафи е добитничка на годинешниот „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата.
Ен Дафи, исто така е есеистка, драматург, професорка и креативна директорка на Школата за пишување на Универзитетот „Манчестер Метрополитен“.
Одлуката таа да биде лауреатот за 2021 година на СВП е соопштена во седиштето на УНЕСКО во Париз, по повод Светскиот ден на поезијата. Оваа година, свечениот настан се одржа во чест на 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески, чиј јубилеј беше вклучен во Календарот на значајни јубилеи поддржани од УНЕСКО.
Наградата на Ен Дафи ќе ѝ биде врачена на поетското читање „Мостови“, една од централните манифестации на годинешното издание на фестивалот, што е предвидено да се одржи од 25 до 30 август.
Во образложението на одлуката, Елизабета Шелева, претседателка на Управниот одбор на Струшките вечери на поезијата, потенцира дека поезијата на Дафи е проткаена со сензибилни доживувања и метафизички опсервации за љубовта, загубата, селидбата, носталгијата, тагата, сеќавањето, минливоста на времето (крајот на младоста, смртта на родителите, синдромот на празно гнездо и заминувањето на децата од домот).
„Во оваа симфонија на поетски слики, природата не се исцрпува само во улогата на лирска сценографија, туку станува рамноправен соучесник во непреболната драма на светот, чии пејсажи се маркери на душевните неспокојства и тревожни прашалници на лирскиот субјект, одблесоци на еден талкачки дух кој општи со светот отаде видливото, во низа од збунувачки асоцијации, есхатолошки назнаки и немушти, исконски закани кои лебдат наоколу“,
се наведува во образложението.
Керол Ен Дафи, родена во Глазгов во 1955 год, во семејство со ирски корени, како што соопштија од СВП, се вбројува меѓу најпознатите поетски имиња во Велика Британија. Нејзината поезија, како што се посочува, е веќе вклучена како задолжителна лектира во националните курикулуми на универзитетите, но и на училиштата.
Автор е на близу 50 книги и добитничка на значајни меѓународни книжевни награди и на одликувања.
„Во овие сурови, мрачни времиња за светот, бев воодушевена кога пред мојата врата ме сретна сјајот на „Златниот венец“. Да се додаде моето име на листата поети кои толку многу ми значеле во животот како читателка и како писателка, е скапоцен подарок за кој вечно ќе бидам благодарна. Годинава изразот ‘ме изневерија зборовите’доби со тажно значење за мене како поетеса, па така оваа прекрасна награда од Северна Македонија духовно ме поткрена и усреќи со тоа што сум добредојдена во оваа голема европска традиција на вреднување поезија“
наведува Дафи во поздравното обраќање до македонската јавност