Станува збор за 27. редовна конференција на потписничките на Рамковната конвенција на ОН за климатски промени од 1992 година, а на дневен ред ќе има повеќе теми кои веќе беа дискутирани на претходната конференција КОП 26, која се одржа во ноември 2021 година во Глазгов, Шкотска
Египетското претседателство потсетува дека земјите од светот во Глазгов се обврзаа на порешителна акција со цел да се зајакне отпорноста на земјите, особено најранливите заедници, и да се прилагодат на екстремни временски настани, како што се топлотни бранови, поплави или шумски пожари
Повеќе од сто светски лидери денеска ќе се состанат во египетското одморалиште Шарм ел Шеик на самитот за климатски промени – КОП 27.

И покрај алармот на научниците кои нагласуваат дека климатските промени се најголемиот предизвик со кој се соочува планетата Земја, аналитичарите не очекуваат големи резултати од самитот кој официјално беше отворен вчера и ќе трае до 18 ноември.
Речиси 50 шефови на држави и влади ќе зборуваат во текот на првиот ден од разговорите на „повисоко ниво“ за климатските промени, а следниот ден се очекува уште повеќе, пренесува регионалниот сервис на РСЕ.
Аналитичарите веруваат дека повеќето од нив ќе зборуваат за катастрофи предизвикани од климатските промени и дека меѓу нив ќе биде и пакистанскиот премиер Мухамед Шариф, во чија земја поплавите ова лето предизвикаа огромни штети кои се мерат во десетици милијарди долари, а милиони луѓе беа раселени.
Инаку, станува збор за 27. редовна конференција на потписничките на Рамковната конвенција на ОН за климатски промени од 1992 година, а на дневен ред ќе има повеќе теми кои веќе беа дискутирани на претходната конференција КОП 26, која се одржа во ноември 2021 година во Глазгов, Шкотска. .
Станува збор за итно намалување на емисијата на штетни гасови, за градење на отпорност и прилагодување на неизбежните последици од климатските промени и за исполнување на ветената финансиска поддршка за борба против климатските промени.

Во 1992 година, Обединетите нации организираа самит за Земјата во Рио де Жанеиро, на кој беше усвоена Рамковната конвенција (УНФЦЦЦ) и беше формиран Секретаријатот на ОН за климатски промени.
Конвенцијата со која државите се обврзаа да ја „стабилизираат“ концентрацијата на штетните гасови во атмосферата, досега ја потпишаа 197 учесници на конференцијата.
Од 1994 година, климатските самити на КОП се одржуваат редовно секоја година, на кои се обединуваат земјите што ја потпишале конвенцијата (Конференција на страните), а тоа се речиси сите земји во светот.
На тие конференции во преговорите беа постигнати бројни амандмани на првобитната конвенција, на пример Протоколот од Кјото во 1997 година и Парискиот климатски договор во 2015 година, кои главно дефинираа поамбициозни цели во борбата против климатските промени.

Во Париз, земјите од светот се договорија да направат дополнителни напори за да спречат зголемување на глобалната температура за повеќе од 1,5 степени Целзиусови во однос на температурата од прединдустрискиот период и да издвојат повеќе за борба против климатските промени.
Минатата година Глазгов одбележа пет години од Парискиот договор, бидејќи конференцијата во 2020 година не се одржа поради пандемијата на корона вирусот. На КОП 26 беше склучен Климатскиот пакт во Глазгов, со кој беше потврдена целта од 1,5 степени Целзиусови, поставена во Париз.
Земјата претседавач со овогодинешниот самит, Египет, објави дека целта на КОП 27 ќе биде да се направи чекор напред, односно да се премине од преговори и планирање до конкретна и навремена акција.
„Сакаме да ја забрзаме акцијата против климатските промени преку намалување на емисиите, интензивирање на напорите за адаптација, како и подобрување на соодветните финансиски текови. Свесни сме дека „праведната (климатска) транзиција“ останува приоритет за земјите во развој ширум светот“,
рекоа претставниците од Египет на веб-страницата на овогодинешната организација на самитот.
Еден од проблемите што, според експертите, ќе се најде на агендата на КОП 27 е таканаречениот проблем „загуба и штета“.
Станува збор за помош, обично за неразвиените земји кои најтешко ја чувствуваат климатската криза, како и исполнување на ветувањето дека богатите земји ќе издвојуваат 100 милијарди долари годишно од своите климатски фондови за сиромашните.

„Напредокот во реализацијата на годишните 100 милијарди долари ќе изгради поголема доверба меѓу развиените и земјите во развој и ќе покаже дека ветувањата навистина се исполнуваат“,
се наведува на веб-страницата на египетското претседателство со КОП 27.
Египетското претседателство потсетува и дека земјите од светот во Глазгов се обврзаа на порешителна акција со цел да се зајакне отпорноста на земјите, особено најранливите заедници, и да се прилагодат на екстремни временски настани, како што се топлотни бранови, поплави или шумски пожари.
Макрон сака да ги притисне САД и Кина да го платат својот дел за сиромашните
Францускиот претседател Емануел Макрон денеска на маргините на климатскиот собир во Египет изјави дека сака да создаде притисок врз „богати неевропски“ земји, особено на САД и Кина, за да го платат нивниот дел од помошта за сиромашните држави соочени со климатските промени.
„Мораме да ги имаме САД и Кина целосно вклучени во прашањето за намалување на емисиите на стакленички гасови и финансиската солидарност“, посочи Макрон во Шарм Ел Шеик за време на средбата со младите Французи и Африканци посветени на климатскиот активизам.

Според Макрон, Франција и Европа се на вистинскиот пат кога е во прашање намалувањето на емисиите, но и поголеми земји мора побрзо да постигнат јаглеродна неутралност.
Макрон смета дека „Европејците плаќаат“, но, тие се „единствените кои го прават тоа“.
Затоа, како што додаде претседателот на Франција, мора да се „изврши притисок на богати неевропски земји и да се каже оти мора да го платат нивниот дел“.
Дел од конференцијата ќе бидат и технички прашања, на пример како да се стандардизира мерењето на штетните емисии во сите земји за да биде споредливо.
Најголем дел од лидерите ќе се сретнат во овие два дена во Египет, а потоа лидерите на 20-те најбогати земји ќе заминат за Бали, Индонезија, каде ќе го одржат самитот на Г20.