Од Македонија на МСЦ ќе учествуваат премиерот Христијан Мицкоски кој ќе биде придружуван од министрите за одбрана Владо Мисајловски, за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и за внатрешни работи Панче Тошковски

Повеќе од 1 000 делегати од над 115 земји, вклучувајќи 60 шефови на држави и влади и 100 министри за надворешни работи ќе учествуваат на 62. Минхенска безбедносна конференција (MСЦ) што почнува денеска. На МСЦ ќе учествуваат и претставници на големи меѓународни организации, меѓу кои се шефовите на ЕУ, НАТО, АСЕАН, ОБСЕ, Светската банка, Светската трговска организација и бројни агенции на ОН.
На собирот, меѓу другите, се очекуваат претседателот на Украина, Володимир Зеленски, францускиот претседател Емануел Макрон, кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји, данската премиерка Мете Фредериксен и германскиот канцелар Фридрих Мерц.
Исто така, учеството го потврдил и државниот секретар на САД, Марко Рубио, кој ќе предводи голема американска делегација составена од повеќе од 50 членови на американскиот Конгрес, како и гувернерите на Мичиген и Калифорнија.
Од Македонија на МСЦ ќе учествуваат премиерот Христијан Мицкоски кој ќе биде придружуван од министрите за одбрана Владо Мисајловски, за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и за внатрешни работи Панче Тошковски.
Повеќе од две третини од сите европски шефови на држави и влади го потврдиле учеството, што ја истакнува централната улога на конференцијата во обликувањето на европскиот стратешки дијалог.
На Минхенската безбедносна конференција, предводена од претседателот Волфганг Ишингер, во наредните три дена, учесниците од различни региони на светот ќе разговараат за предизвиците на безбедносната политика.
Темите што ќе се обработуваат на МСЦ 2026 ќе вклучуваат европска безбедност и одбрана, иднината на трансатлантските односи, ревитализација на мултилатерализмот, спротивставени визии за глобалниот поредок, регионални конфликти и безбедносни импликации од технолошкиот напредок.
Овогодишната, 62. Минхенска безбедносна конференција која почнува денеска, трае до 15 февруари, а мерките за безбедност се максимално засилени и ангажирани се 5 000 полицајци кои ќе го обезбедуваат собирот, вклучувајќи засилувања од соседните земји. Како што е најавено, за време на настанот, воздушниот простор над Минхен ќе биде затворен за сите летала, вклучувајќи и за дронови.
