Во својот годишен извештај за енeргијата на глобално ниво, објавен денеска, ИЕА предвидува дека според сценариото за тековни политики, побарувачката на нафта ќе достигне 113 милиони барели дневно до средината на овој век, што е околу 13 проценти повеќе од потрошувачката во 2024 година
Глобалната побарувачка за нафта и гас би можела да се зголеми до 2050 година, соопшти денеска Меѓународната агенција за енергија (ИЕА), предупредувајќи дека светот веројатно нема да ги исполни климатските цели. Ваквата проекција, како што наведува „Ројтерс“, е отстапување од претходните очекувања на меѓународната организација за брз премин кон почисти горива.

Меѓународната агенција за енергија, телото што ја надгледува енергетската безбедност, во последните години е под притисок од Соединетите Американски Држави (САД) поради своите политики за чиста енергија, откако претседателот Доналд Трамп ги повика американските компании дополнително да го прошират производството на нафта и гас.
За време на администрацијата на претходниот американските претседател Џо Бајден проценките на ИЕА беа дека глобалната побарувачка за нафта ќе го достигне својот врв оваа деценија и дека нема да бидат потребни понатамошни инвестиции во нафта и гас ако светот сака да ја исполни својата климатска цел.
Министерот за енергетика на САД, Крис Рајт ги нарече „глупост“ проекциите на ИЕА за врвот на побарувачката на нафта и гас.
Инаку, меѓународната организација ја финансираат земјите членки, при што Соединетите Американски Држави имаат најголем придонес во нејзиниот буџет.
Врз основа на нејзините анализи и податоци, владите и компаниите ширум светот ги формираат своите енергетски политики.
Во својот годишен извештај за енергијата на глобално ниво, објавен денеска, ИЕА предвидува дека според сценариото за тековни политики, побарувачката на нафта ќе достигне 113 милиони барели дневно до средината на овој век, што е околу 13 проценти повеќе од потрошувачката во 2024 година.
Предвидувањата се дека глобалната побарувачка на енергија ќе порасне за 90 ексаџули до 2035 година, што е зголемување од 15 проценти од сегашните нивоа.
Меѓународната агенција за енергија последен пат го користеше „сценариото за тековните политики“ за потребите на своите проценки во 2019 година, а до 2020 година се префрли на проекции кои се повеќе во согласност со транзицијата кон чиста енергија и заложбите за постигнување нето-нулта емисија на стакленички гасови до средината на векот.
Во овогодишните прогнози, како што посочуваат светските агенции, е изоставено сценариото со ваквите заложби и ветувања.
Агенцијата наведува дека планирала да ги процени новите климатски цели на земјите за периодот 2031-2035 година, но не доволно земји ги поднеле своите планови за да може да се добие значајна слика.
Во сценариото за политика на ИЕА, кое ги зема предвид политиките што се предложени, но не мора да значи дека се усвоени, побарувачката за нафта би требало да го достигне својот врв околу 2030 година.
Агенцијата вели дека нејзините сценарија не се прогнози бидејќи истражуваат низа потенцијални исходи врз основа на различни претпоставки.
Извештајот нотира дека конечните инвестициски одлуки за нови проекти за течен природен гас бележат нагло зголемување во 2025 година. Околу 300 милијарди кубни метри нов годишен капацитет за извоз на течен природен гас ќе започне со работа до 2030 година, што претставува зголемување од 50 проценти.

Според сегашното сценарио за политика, глобалниот пазар на течен природен гас се зголемува од околу 560 милијарди кубни метри во 2024 година на 880 милијарди кубни метри во 2035 година. Во 2050 година би требало да изнесува 1 020 милијарди кубни метри. Ова зголемување, според Агенцијата, е резултат на растечката побарувачка во енергетскиот сектор поттикната од растот на информатичките центри и вештачката интелигенција.
Се очекува глобалните инвестиции во информатички центри да достигнат 580 милијарди долари во 2025 година, вели извештајот, во кој се додава дека доколку ова се постигне, ќе ја надмине сумата од 540 милијарди долари што на глобално ниво годишно се троши за снабдување со нафта.
Извештајот, исто така, вклучува сценарио кое го покажува патот кон намалување на глобалните емисии на енергија на нула до 2050 година. На состанокот за климатските промени во Париз во 2015 година, повеќе од 190 земји се обврзаа дека ќе се обидат да спречат затоплување на светот за повеќе од 1,5 Целзиусови степени.
Сепак, извештајот покажува дека овој праг ќе биде надминат во сите сценарија, а температурите би можеле повторно да паднат само под 1,5 Целзиусови степени, ако се воспостават технологии што можат да го отстранат јаглерод диоксидот од атмосферата.
