Федерацијата жестоко го осуди говорот на омраза и дискриминаторскиот или расистички јазик од каков било облик
Светската кошаркарска федерација (ФИБА) остро го осуди инцидентот со навредливите скандирања на натпреварот меѓу Македонија и Романија кој се одигра во саботата во Куманово. Дополнително, од Федерацијата информираат дека инцидентот е предмет на истрага од нивна страна.

„Во оваа фаза собираме релевантни извештаи и изјави во тесна соработка со вклучените национални федерации, како и со локалните власти и органите за спроведување на законот“,
соопшти ФИБА, додавајќи дека безрезервно и жестоко го осудува говорот на омраза и дискриминаторскиот или расистички јазик од каков било облик.
Навредливите скандирања на кошаркарскиот меч претходно наидоа на осуда од политичките партии и државниот врв во земјава, како и од македонската кошаркарска федерација и Општина Куманово на чија територија се одигра натпреварот. Полицијата и обвинителството, пак, информираа дека ги испитуваат околностите околу инцидентот.