Директни корисници на проектот се учениците од основното образование, но поддршката ќе биде фокусирана на учениците од ранливите групи
Светска банка одобри 21,5 милиони евра со кои ќе треба да се обезбеди поддршка за учениците во основното образование во државава, преку воведување на подобри услови за учење и преку подобри училишта.
Со проектот ќе се поддржи и спроведување современ систем за професионален развој и напредување во кариерата на наставниците, директорите и мултидисциплинарните тимови за професионална поддршка во основното образование.
Заемот од СБ во износ од 21,5 милиони евра е со рок на отплата од 11 години, вклучувајќи и грејс период од 3 години и време на спроведување од пет години. Проектот ќе биде спроведен од страна на Министерството за образование и наука, информираа денеска од Канцеларијата на СБ.
Проектот, како што соопштуваат, се фокусира на интервенции на ниво на училиште, најблиску до учениците и каде што ќе го подобри учењето, истовремено ублажувајќи ги и пополнувајќи ги загубите во учењето предизвикани од ковид-19. Дополнителни елементи на проектот се реформи кои ќе обезбедат податоци за учењето и најсовремена обука за наставниот кадар. Активностите имаат за цел градење основи на модерен и ефикасен систем на основно образование во Северна Македонија.
„Формирањето на вештините започнува од многу рана возраст, а образованието ‘зависи од патеката’, што значи дека пристап до квалитетно образование уште на самиот почеток е витален за обезбедување услови учениците да се стекнат со потребните основни вештини за продолжување на нивното образование и за лесен премин на пазарот на трудот“,
вели Бојана Нацева, виша специјалистка за образование и раководителка на тимот на проектот.
Со овој проект, појаснува, се очекува да се поттикне заедничкиот просперитет преку обезбедување квалитетно образование за сите ученици, особено за оние од традиционално маргинализирани групи и кои обично припаѓаат на најсиромашните 40 проценти од населението. Со оваа иницијатива ќе се обезбедат подобри резултати од учењето и конечно, подобро вработување, додава Нацева.
Директни корисници на проектот се учениците од основното образование, но поддршката ќе биде фокусирана на учениците од ранливите групи и учениците погодени од затворањето на училиштата како резултат на пандемијата со ковид-19.
„Северна Македонија неодамна презема важни реформи во системот на предучилишното образование и грижа. За уште повеќе да се капитализира оваа важна инвестиција, земјата треба повеќе и поефективно да инвестира во подобрувањето на квалитетот на наставата и да го подобри опкружувањето за учење во основното образование“,
вели Масимилијано Паолучи, директор на канцеларијата на Светска банка во Северна Македонија и Косово.
Пандемијата предизвикана од КОВИД-19, дополнува, ја влоши состојбата и земјата ќе треба да спроведе соодветни политики и мерки за надоместување на учењето за да го подобри присуството на училиште по овој прекин – справувајќи се со загубеното учење како резултат на принудното отсуство и поддржувајќи ги психосоцијалните потреби како на учениците така и на наставниците.