Причината се наодите од истрагата дека во извештаите од 2018 и 2020 година се менувале условите за одредени земји да бидат подобро рангирани
Светската банка вчера објави дека привремено го суспендира објавувањето на извештајот „Дуинг бизнис“, поради, како што наведе, неправилности во извештаите од 2018 и 2020 година.
„Довербата во истражувањето на Светска банка е од витално значење. Истражувањето на Банката ги информира креаторите на политики, им помага на земјите да донесат подобри одлуки врз основа на овие информации и им овозможува на засегнатите страни попрецизно да ги измерат економските и социјалните подобрувања. Ваквото истражување, исто така, беше корисна алатка за приватниот сектор, граѓанското општество, академијата, новинарите и други, проширувајќи го разбирањето на глобалните прашања“,
се вели во соопштението.
Меѓутоа, откако во јуни 2020 година се посочени, како што наведоа, „неправилности во податоците“ во извештаите на „Дуинг бизнис“ за 2018 и 2020 година, раководството на Светска банка одлучи да „направи пауза“ до следниот извештај и започна серија контроли и ревизија на извештаите и нивните методологии.
„Покрај тоа, внатрешните извештаи покренаа етички прашања, вклучително и за однесувањето на поранешни вработени, како и сегашни и/или поранешни вработени во Банката“,
се додава во соопштението.
Истрагата покажала дека во извештаите за 2018 и 2020 година имало некои неправилности.
Непотребен притисок
Се работи за Кина, Саудиска Арабија, ОАЕ, а се споменува и Азербејџан, за кои постои сомневање дека некој во рамките на Светската банка можеби влијаел на бодовите што тие ги добиле, а не се во согласност со нивната дефинирана методологија. Светската банка одлучи да спроведе внатрешна истрага и да утврди дали тоа навистина се случило.
Листата, која се објавува секоја година, вклучува рангирање на земјите според економските реформи и регулативи, а според извештајот од истрагата, Пекинг се пожали дека во 2017 година завршил на 78-то место на листата „Дуинг бизнис“. Следната година, според истрагата, како што објави АФП, Пекинг паднал на уште пониска позиција.

Независната истрага објавена пред два дена утврдила дека лидерите на Светската банка, вклучувајќи ја и тогашната извршна директорка Кристалина Георгиева, извршиле „непотребен притисок“ врз персоналот за да го зголемат рангот на Кина во извештајот на банката „Дуинг бизнис 2018“.
Извештајот, подготвен од адвокатската фирма „Вилмер Хејл“, на барање на етичката комисија на банката, изразува загриженост во однос на влијанието на Кина врз Светската банка.
Исто така, се укажува на „директен и индиректен притисок“ од високите претставници во кабинетот на тогашниот претседател на Светската банка, Џим Јонг Ким, да ја смени методологијата на извештајот за да го зголеми рејтингот на Кина и наведува дека тоа најверојатно се случило по негови насоки.
Шефицата на ММФ, Кристалина Георгиева, веднаш ја оспори независната истрага во која, меѓу другото, е утврдено дека, додека работела во Светската банка пред четири години, таа извршила притисок врз своите колеги да го приспособат извештајот за да не ја налутат Кина, пренесе АФП.
Георгиева рече дека не се согласува „фундаментално со наодите и толкувањата“ на извештајот.

Понатаму, како што објави Ројтерс, повикувајќи се на наодите, се наведува дека Георгиева и клучниот советник Симеон Џанков извршиле притисок врз персоналот да „направи конкретни промени во податоците на Кина“ и да го зголеми нејзиниот ранг во време кога банката бараше поддршка од Кина за зголемување на крупниот капитал.
Ким не одговори на прашањата да даде коментар, додека Џанков останал недостапен за медиумите.
Кина во извештајот „Дуинг бизнис 2018“, објавен во октомври 2017 година, скокна за седум места и се искачи на 78-то место, откако беа направени промени во методологијата на податоците, во споредба со првичниот нацрт-извештај.
Во извештајот се наведува дека притисокот за зголемување на рангот на Кина дошол во време кога менаџментот на банката би „истрошен со чувствителни преговори“ за зголемување на капиталот.
Светската банка во 2018 година објави зголемување на капиталот од 13 милијарди долари, што го зголеми акционерскиот удел на Кина од 4,68% на 6,01%.
Не е само Кина
Исто така, во извештајот се наведуваат притисоците поврзани со податоците што се користат за рангирање на Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и Азербејџан во извештајот „Дуинг бизнис 2020“ објавен во 2019 година, но не посочува докази дека некои членови на Канцеларијата на претседателот на Светската банка или извршниот одбор се вклучени во промените во овој дел.
Саудиска Арабија се искачи за 30 места, на 62-то во извештајот „Дуинг бизнис 2020“.
Понатаму, се посочува дека „токсична култура“ и „стравот од одмазда“ го опкружуваат извештајот „Дуинг бизнис“, поради што членовите на тој тим „сметаат дека не можат да ја оспорат наредбата од претседателот или извршниот директор на Банката без да ги ризикуваат своите работни места“.

Се посочува, исто така, дека Георгиева го посетила домот на менаџер на „Дуинг бизнис“ за да извади печатена копија од конечниот извештај што ги одразува промените што го подигнаа рангот на Кина и се заблагодарила на вработениот што помогнал во „решавањето на проблемот“.
Компанијата „Вилмер Хејл“ соопшти дека била ангажирана од Меѓународната банка за обнова и развој на заемодавецот во јануари за да ги разгледа внатрешните околности што довеле до нерегуларности на податоците. Се наведува дека Банката ја поддржала истрагата, но дека таа е целосно независна.
Извештајот доаѓа речиси две години откако Георгиева ја презеде функцијата шефица на ММФ, непосредно пред најголемата глобална економска криза во 76-годишната историја на Фондот, предизвикана од пандемијата на ковид-19.
„Дуинг бизнис“ ги рангира земјите врз основа на нивната регулаторна и правна средина, процедурата за започнување бизнис, финансирање, инфраструктура и други мерки за деловна клима.