Меѓу сцените што предизвикаа вознемиреност и гнев се снимките од израелските војници кои очигледно претураат по приватни домови во Газа, уништуваат пластични фигури во продавница за играчки или се обидуваат да запалат храна и вода во задниот дел на напуштен камион
Видеото кое покажува недолично однесување на израелските војници, за кое е утврдено дека е автентично, предизвика бес и повици за одговорност во Палестина, Израел и пошироко. Имено, во последните денови се појавија неколку вирални видеа и фотографии од израелски војници кои се однесуваат недолично во Газа, што им задава вистинска главоболка на израелските воени претставници бидејќи Израел се соочува со меѓународен гнев поради неговата тактика и зголемениот број цивилни жртви во војната против Хамас.
Како одговор, израелската војска вети дека ќе преземе дисциплински мерки во, како што вели, неколку изолирани случаи.
Меѓу сцените што предизвикаа вознемиреност и гнев се снимките од израелските војници кои очигледно претураат по приватни домови во Газа, уништуваат пластични фигури во продавница за играчки или се обидуваат да запалат храна и вода во задниот дел на напуштен камион.

На една снимка се гледа како војниците извикуваат расистички слогани додека се гушкаат и танцуваат во круг.

Како што пишува „Еуроњуз“, се чини дека видеата биле поставени од самите војници за време на нивниот престој во Газа.
Портпаролот на израелската војска, контраадмирал Даниел Хагари, ги осуди некои од дејствијата забележани на неодамнешните видеа и рече дека ќе бидат преземени командни и дисциплински чекори.
Израел е вовлечен во жестоки борби во Газа од 7 октомври, кога милитантите на Хамас извршија рација во јужен Израел и убија околу 1 200 луѓе – главно цивили – и зедоа околу 240 заложници. Повеќе од 18 400 Палестинци се убиени во Газа, од кои околу две третини се жени и деца, соопшти Министерството за здравство на територијата под контрола на Хамас. Околу 90 отсто од 2,3 милиони жители на Газа се раселени.
Израелската војска го обвинува Хамас за бројот на загинати цивили, велејќи дека групата дејствува во преполни населби и ги користи жителите како жив штит.