СЗО изјави дека вакцината има околу 78 проценти ефикасност во спречувањето на ковид-19 и дека е „исклучително погодна“ за сиромашните земји, бидејќи многу полесно е нејзиното чување
Светската здравствена организација одобри за итна употреба вакцина против ковид, произведена во Индија, препарат кој беше одобрен од индиските регулаторни тела уште пред целосно да заврши тестирањето за неговата безбедност и ефикасност.
СЗО објави дека ја одобрила вакцината „Коваксин“, произведена од индиската компанија „Барат Бионтек“. Тоа е осма вакцина против ковид која доби одобрение од Светската здравствена организација.

„Одобрувањето на оваа вакцина за итна употреба ја проширува достапноста на вакцините, најефективните медицински помагала што ги имаме за да ставиме крај на пандемијата“,
рече д-р Марианџела Симао, помошник генерален директор на СЗО.
„Коваксин“ е произведена од „Барат Бионтек“ заедно со Индискиот совет за медицински истражувања, водечкото истражувачко тело во земјата. Се прави со неактивен коронавирус за да се стимулира имунолошкиот одговор и се дава во две дози.
СЗО изјави дека вакцината има околу 78 проценти ефикасност во спречувањето на ковид-19 и дека е „исклучително погодна“ за сиромашните земји, бидејќи многу полесно е нејзиното чување.
Група експерти ангажирани од СЗО изјавија дека нема доволно податоци за безбедноста и ефикасноста на вакцината кај трудниците и дека се планираат студии кои ќе се занимаваат со тоа прашање.

Индиската регулаторна управа за лекови даде одобрение за употреба на „Коваксин“ во јануари, неколку месеци пред да завршат продолжените испитувања на луѓе, поради што експертите беа загрижени дека одобрението е прерано.
Компанијата „Барат Бионтек“ ги објави резултатите во јули, кои покажаа дека вакцината е околу 93 проценти ефикасна во спречувањето на тешката форма на ковид-19 и околу 65 проценти ефикасна против инфекција од позаразниот делта-сој.
Индискиот премиер Нарендра Моди ја прими првата од двете дози во март. Според податоците до средината на октомври, овој антиковид препарат е втор по бројот на дози дадени во Индија по „Астра Зенека“.
Компанијата имаше проблеми да обезбеди зголемување на производството. Нема податоци за тековното производство, иако претходно од компанијата изјавија дека целта и е до крајот на 2021 година да се достигне годишен капацитет од една милијарда дози.
Компанијата соопшти дека неколку други земји, вклучувајќи ги Бразил, Филипините, Иран и Мексико, ја одобриле нивната вакцина против ковид.