„Тие не се само минато, тие се вековен мост кон иднината“, пишува во честитката на премиерот по повод Денот на сесловенските просветители Кирил и Методиј
И денес нè обединува мисијата на браќата Кирил и Методиј, кои се темелот на писменоста на словенските народи и основачи на словенската азбука – глаголица, по која се создаде и кирилското писмо, се вели во честитката по повод 24 Мај – Денот на сесловенските просветители.

„Токму благодарение на нивната духовност, посветеност, денеска и ние можеме да ја развиваме сопствената култура, образование и наука на мајчиниот јазик“,
пишува во честитката.
Според него, нашата заложба е преку образованието, кое е темелот за опстанокот и развојот на една држава, да создаваме идни генерации кои ќе продолжат да ги негуваат вредностите на Македонија.
„Овие двајца браќа, благородни по срце и ум, ни го оставија најголемиот подарок – писмото, словото, гласот на нашиот идентитет. Таа борба за право на свој глас, право на своја духовност е основата на нашата вековна борба за самостојност, идентитет и национално достоинство. Нивната мисија продолжува преку секој ученик што учи да чита, секој писател што твори, секој наставник што пренесува знаење. Тие не се само минато, тие се вековен мост кон иднината“,
вели премиерот.
Мицкоски денеска ќе се обрати на свечената академија „Светилник низ векови и за иднината“ што ќе се одржи во црквата „Света Софија“ во Охрид.