Основното јавно обвинителство од судот бара парични казни за пет лица од Свети Николе кои не ја почитувале ниту мерката за самоизолација ниту полицискиот час, кривични дела што се казниво по член 2016 од КЗ за непостапување според здравствените прописи за време на епидемија.
Тројца од обвинетите, според ОЈО, пристигнале во земјава од држави со среден и висок ризик за ширење на коронавирусот и биле должни во период од 14 дена да не го напуштаат престојувалиштето што го пријавиле како место каде што ќе ја спроведат задолжителната самоизолација. Иако на граничните премини на кои оствариле влез во земјава потпишале изјави за самоизолација, тие излегувале од дома и контактирале со други лица.
Двајца од обвинетите (21 и 19 години), пак, ноќеска во 2:20 часот во автомобил без таблички биле пресретнати од полициски службеници и биле лишени од слобода.
Обвинителството побара судот да им изрече парична казна во висина од 98 дневни глоби и тоа за еден од обвинетите во висина на една дневна глоба од 10 евра или вкупна вредност од 60.270 денари, а за останатите во висина од 20 евра за една дневна глоба или во вкупна вредност од по 120 540 денари.