Бидејќи постојниот колективен договор за вработените во културата е истечен, се надева дека за брзо време во согласност со сите засегнати страни ќе се донесе нов, што ќе биде корисен за сите
Свесен сум дека платите на културните работници не ги дадовме пред Велигден, но конечно го решивме проблемот и направиме пресметка што е достојна и законска. Ова денеска го рече министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, одговарајќи на поставено прашање од пратеничката Бисера Костадиновска-Стојчевска од Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), на денешната седница наменета за пратенички прашања, за ненавременото исплаќање на платите на вработените во културата.

Посочи дека иако бил член на Синдикатот за култура на Република Македонија (СКРМ), никогаш не рекол дека овој колективен договор е незаконски, туку дека тој нема поддршка од Министерството за финансии.
„Вие тоа го знаете, уште со самото потпишување, сте биле министер за култура. Колективниот договор го потпишал еден министер што појма немал што потпишува и немал направено анализа какви штети ќе направи во културата и дека ќе ја прелие чашата. Добро знаете дека кога немате поддршка од Министерството за финансии, поточно кога нема позитивна согласност, тоа значи дека средствата ќе треба да си ги обезбедите од сопствениот буџет. Вие тоа сте го дозволиле четири години. Ќе дојде минималната плата, ќе треба да ги регулирате платите. Во Министерство за финансии ќе ви речат, не може вака, обезбедете ги средствата од буџетот. И вие нема да ги предвидите средствата, ќе дојде ребаланс и ќе им кажете на установите да скратат по 30 отсто, со што ќе ги покриеме платите“,
вели Љутков.
Додаде дека сега, кога конечно некој ги решава проблемите, тоа на опозицијата не ѝ се допаѓа.
„По оваа пресметка на платите, нема да се крати од програмите за работа како претходно“,
кажа тој.
Ги отфрли шпекулациите дека платите не биле донесени поради неговото заминување на пат.
Тој ги отфрли шпекулациите дека платите не биле донесени поради неговото заминување на пат.
„Јас бев во Македонија кога требаше да се решава овој проблем. Не сум како вас, да барам да одам во Стразбур во време на најголемата несреќа што ѝ се случила на земјата“,
вели министерот.
Според него, за неполн месец успеале да се соберат, да направат работна група и да направат проценка како треба да изгледа овој колективен договор и исплатата на пари и со согласност од Министерството за финансии.
Бидејќи посотојниот колективен договор за вработените во културата е истечен, се надева дека за брзо време во согласност со сите засегнати страни ќе се донесе нов, што ќе биде корисен за сите.
„Да, бев член на СКРМ и од тој аспект ги знам работите и однадвор и одвнатре од Министерството за култура и туризам. Јас нема да застанам против моите колеги. Напротив, тука сум да им ги решам проблемите. И сега, кога конечно ги решивме работите, за вас има проблем“,
додаде Љутков.
Министерството за култура и туризам денеска соопшти дека исплатата на платите за вработените во институциите од областа на културата во координација со Министерството за финансии е во тек и ќе заврши до крајот на денот.
Од Министерството потенцираат дека дел од институциите веќе ги добиле платите и најавија дека ќе упатат покана за средба со претставниците на Синдикатот на култура (СКРМ).
Поради доцнењето на платата за март, СКРМ претходно одржа протестен совет, барајќи достоинствени услови за работа, почитување на колективните договори и транспарентно управување.
Поддршка на СКРМ даде и Сојузот на синдикатите на Македонија, а претседателот на СОНК, Јаким Неделков, побара средба со министерот Љутков, најавувајќи можност за штрајк доколку не се почитуваат нивните барања.