Инаку, Трајковски е осомничен за палење на угостителски објект во скопска Кисела Вода – настан кој, според Обвинителството, се случил два дена пред рочиштето за случајот со Вања на 15 ноември, на кое тој не се појави поради здравствени проблеми
Гоце Трајковски, еден од клучните сведоци во случајот со грабнувањата и убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски, кој е осомничен за палење на угостителски објект во скопска Кисела Вода и кој беше во бегство, денеска самиот ѝ се предал на полицијата.
„Лицето Гоце Трајковски само се пријавило во Полициска станица Кисела Вода“,
информираат од Министерството за внатрешни работи.
Трајковски требаше да се појави на рочиштето за случајот со Вања и Панче на 15 ноември минатата година, но неговата мајка Кираца Трајковска, во разговор со судијата кажа дека тој не можел да се јави на судската расправа поради здравствени причини – имал паничен напад и висок крвен притисок.
Според досегашните искази на сведоци во случајот, Трајковски и таткото на убиеното 14-годишно девојче Александар Ѓорчевски, воделе паралелна истрага со онаа на полицијата по исчезнувањето на Вања. Прибирале и гледале снимки од камерите за видеонадзор од околните објекти каде што се движело девојчето.
На 11 декември лани на брифинг во Јавното обвинителство беше соопштено дека Гоце Трајковски е осомничен за палeње на угостителски објект во скопска Кисела Вода и оти е во бегство. Настанот за кој е осомничен се случил два дена пред закажаното рочиште на кое тој не се појави со образложение дека има здравствени проблеми.
Трајковски не беше обезбеден ниту на последното рочиште за случајот со двојното убиство. Тој, како што информира судијата на рочиштето пред три дена, не бил пронајден на неговата адреса од страна на полицијата.
Надоврзувајќи се на ваквата околност, обвинителката Жаклна Крстевска-Јосифовска, која го застапува обвинението, рече дека останува на ставот Трајковски да биде испитан пред судот и засега да не се чита неговата изјава дадена во Обвинителството во текот на истрагата.