Тој, покрај од Обвинителството, денеска беше испрашуван директно и од дел од адвокатите на одбраната бидејќи е предложен за сведок и од нивна страна

Може да имало два или три противпожарни апарати во „Пулс“, не сум сигурен.
Сведокот Дејан Манасиев денеска беше соочен со она што го дал како исказ во обвинителството.
Тој, покрај од Обвинителството, денеска беше испрашуван директно и од дел од адвокатите на одбраната бидејќи е предложен за сведок и од нивна страна.
Одговарајќи на прашања на одбраната, кажа дека имало клуч на задната врата и панични светла на средината во објектот.
Кажа и оти не видел градежни мајстори во објектот, како и дека на надворешноста на „Пулс“ не биле вршени никакви интервенции. Наведе и оти не го видел обвинетиот Лазар Захариев некогаш да носи облека со ознаки на агенцијата за обезбедување „Рубикон“.
На прашање на одбраната кажа дека колку што се сеќава, во декември 2024 година во „Пулс“ контрола вршела Управата за јавни приходи и дека утврдено е оти една од касите не била исправна, но кабарето не било пломбирано, односно не му била издадена забрана за работа.
На прашања на дел од адвокатите на одбраната, сведокот кажа дека Тодор Јованов, брат на сопственикот на „Пулс“, Дејан Јованов-Деко, работел за дневница.
На неговите одговори реагираше обвинителството, кое му предочи повеќе негови искази дадени во истрагата кои се разликуваат од тие што денеска ги дал во судница.
Обвинителот наведе дека Манасиев во обвинителството рекол оти задната врата критичната вечер била заклучена, дека навел сосема друго време кога Дејан Јованов-Деко пристигнал во т.н. кабаре, како и во однос на тоа колку ПП-апарати имало во објектот.
Обвинителството го потсети сведокот дека во истрагата не кажал оти лице од Скопје доаѓало да поставува пиротехника во „Пулс“.
„Ми беше кажано ако на нешто дополнително се сетам, да дојдам и кажам“,
рече тој, а на дополнително прашање од судијката, Манасиев кажа дека иако се сетил на овој момент, не отишол во обвинителството да каже.
На вкрстеното испрашување на обвинителството реагираше одбраната, која обвини дека застапникот на обвинението не ја почитува постапката.
На сведочењето на Манасиев бурно реагираа и родителите на загинатите во „Пулс“ велејќи дека е лажно и оти е со цел да го спаси сопственикот на „Пулс“, Дејан Јованов-Деко.
