Одговарајќи на прашања на обвинителката Жаклина Крстевска-Јосифовска, сведокот рече дека во една од просториите во стариот штаб на партијата видел пиштол во собата каде што спиел Палевски
Со Љупчо Палевски се познавам од 2017 година. Ги следев неговите поткасти, а нè запозна еден пријател. Ова на денешното рочиште од судскиот процес за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски го кажа сведокот Ѓорѓи Џолев, кој со сопругата го дале нивното возило „рено кангу” на партијата Десна за да послужи при селењето на нејзиниот штаб од Кисела Вода кај „Шампионче” во сегашниот во Центар кај „Веро џамбо”.
Додека со сопругата Лита Ќириќ, која исто така сведочеше денеска, живееле во Исланд, Џолев рече дека со Палевски комуницирале преку апликациите Вибер и Телеграм.
Во своето сведочење тој, меѓу другото, кажа дека обвинетите Влатко Кешишов и Велибор Манев имале чуден однос со Палевски, за кој рече дека бил поданички. Кажа дека никогаш не му возвраќале на Палевски кога тој им се обраќал на висок тон.
„Ми беше чуден нивниот однос, беше поданички. Кога им зборуваше (Палевски) на висок тон, тие не возвраќаа, не влегуваа во расправија”,
рече Џолев.
Одговарајќи на прашање на судијата Ивица Стефановски, да го опише тој однос, Џолев кажа дека му изгледал како умилкување кон Палевски и дека никогаш не ги видел да се скараат.
За Кешишов кажа дека практично живеел во штабот на партијата Десна. Таму спиел, варел кафе, правел ручек и го шетал кучето на Палевски.
Одговарајќи на прашања на обвинителката Жаклина Крстевска-Јосифовска, рече дека во една од просториите во стариот штаб на партијата видел пиштол во собата каде што спиел Палевски.
„Стоеше на маса во собата каде што спиеше Палевски, беше во футрола. Не знам чиј беше, но претпоставувам дека беше на Палевски”,
кажа сведокот.
Џолев кажа и дека дознал дека првообвинетиот заминал на преглед дента кога требало да се одржи централен комитет на партијата, но рече оти не му било чудно тоа што настанот ќе се одржи без претседателот.
Дента кога го повикале во полиција во врска со настанот, рече дека го информирал Палевски преку Телеграм, но таа комуникација била кратка.
И следниот сведок, кој се појави денеска на рочиштето во Основниот кривичен суд Скопје, Кирил Тренчовски, рече дека видел пиштол во штабот на Десна во Кисела Вода.
„Таму имаше две големи простории, споени. Во една се снимаа поткастите. Односно се снимаа во двете кога имаше гостин, а во една кога Палевски беше сам“.
рече Тренчовски.
Прашан дали му било нормално тоа што имало пиштол таму, сведокот рече дека не му било нормално, но претпоставува дека е со дозвола.
Исто така, тој кажа дека во штабот во Кисела Вода видел и радиостаници.
„Кај ‘Шампионче’ имаше радиостаници, токи-воки”,
рече Тренчовски.
Инаку, според обвинението, обвинетите комуницирале преку радиостаници кога ги вршеле кривичните дела.
Тој кажа дека не бил член на партијата Десна, туку нејзин симпатизер. Рече дека повеќе одел во стариот штаб во Кисела Вода, во чија непосредна близина живеел, а поретко во седиштето во Центар. Таму, како што кажа, не видел пиштол или радиостаници.