На прашање на обвинителката, кажа и дека додека бил на цигара надвор, кога почнал пожарот, го видел сопственикот Дејан Јованов-Деко како претрчува покрај него внатре во дискотеката со ПП-апарат во рацете
Во „Пулс“ немам видено противпожарен апарат, билети се продаваа и на малолетници, а вечерта кога се случи пожарот, настана стампедо и голема паника, кажа Кристијан Панов во своето сведочење на денешното рочиште од судскиот процес за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“.

Кристијан во пожарот го загуби својот брат Андреј Панов. Двајцата работеле во „Пулс“, Кристијан како келнер, а Андреј како шанкер. Рече дека не бил редовно вработен, туку доаѓал по повик од сопственикот на т.н. кабаре кога имало настани и забави.
На почетокот, одговарајќи на прашања на обвинителката кажа дека дневницата од 1 500 денари со другите келнери ја добивале пред почетокот на работниот ден. Кажа дека во работата го упатил неговиот брат, но не биле пријавени како вработени.
На прашање кој сè настапувал во дискотеката рече дека тоа биле повеќе музички групи и диџеи од државата и од странство. За тоа дали и претходно се употребувала пиротехника, тој кажа дека на претходна забава имало настап на диџеи од Грција со кои биле и танчарки. Не користеле пиротехника, туку танчарките ги забавувале гостите вртејќи факели.
Прашан од обвинителката во однос на обезбедувањето, наведе дека како постојани обезбедувачи биле ангажирани лица од Кочани и биле присутни на настаните.
„Лазар Захариев, Столе, не му го знам презимето, исто така беше и Ивица, не му го знам презимето“,
кажа тој.
Рече дека нивна обврска била да стојат на врата и да ставаат печати на дланките на гостите кои имале купено билет.
„Стоеја на на врата и, кога ќе купиш билет, им го предаваш и тие ставаа печат на раката, некогаш и не. Печатот беше за да можат гостите, кога ќе излезат надвор, потоа повторно да влезат внатре“,
рече младото момче.
Потврди дека во кабарето присуствувале и малолетници. На прашањето дали на настаните доаѓале полицајци во униформа, кажа дека имало случаи, колку што му е познато, но оти не знае зошто биле присутни.
Потврден беше неговиот одговор и на прашањето дали полициски службеници што тој ги познава биле присутни без униформа на настаните што се организирале во „Пулс“.
За резервација на места за настаните во т.н. кабаре рече дека одговорен бил менаџерот Борис Финдачки, но можело да се резервира и преку сопственикот Дејан Јованов-Деко.
„Официјално беше преку Борис“,
кажа тој.
Задолжен за продажбата на билети рече дека бил Тодор Јованов, брат на сопственикот Дејан Јованов-Деко. На прашање на обвинителката кажа дека билети им биле продавани и на малолетници.
На прашањето дали во објектот имал видено противпоражарен апарат, тој одговори:
„Немам видено ПП-апарат“.
Раскажувајќи за критичната вечер Кристијан Панов рече дека во „Пулс“ пристигнал во 2:20 часот по полноќ, каде што негов пријател славел роденден.
Брат му Андреј бил на своето работно место на шанкот.
По некое време Кристијан решил да излезе надвор на цигара и додека стоел, видел полицајци како влегуваат во објектот.
„Еден од полицајците, поточно полицајка ме фати за рака и ми рече: ‘Кај си тргнал?’ Во тој момент се запали дискотеката”,
раскажуваше сведокот.
За помалку од една минута, рече, настанал хаос. Луѓето почнале да трчаат за да излезат надвор и настанало стампедо.
„Стампедото беше куп од луѓе едни врз други, беше надвор на скалите кај влезот. Паѓаа едни врз други, се заглавија меѓу првата и втората врата во дискотеката”,
рече Панов.
Во тие моменти слушнал како еден од членовите на групата ДНК, не можеше да каже точно кој, на микрофонот рекол:
„Излегувајте сите, ќе се вратиме“.
Панов се обидел да влезе внатре до неговиот брат откако се расчистило стампедото бидејќи претходно не било возможно.
„Внатре беше тешко да се престојува повеќе од 5-10 секунди. Тоа беше по 20 минути од стампедото, го барав брат ми. Во првите моменти имаше голема паника, таа го предизвика стампедото“,
рече Панов.
Кажа дека имало многу луѓе што помагале, а помагал и тој колку што можел. Од пожарникар побарал светилка, но откако му кажал дека нема, светејќи со мобилниот телефон влегол да го бара брата си.
„Додека одев, нешто падна врз мене, се распрсна и морав да излезам, а кога се вратив по вторпат, го најдов брат ми пред влезот. Внатре имаше многу тела, никој не беше при свест. Јас ги тргав телата за да го најдам брат ми. Тој веќе беше надвор, некој го извлекол кај влезот. Првично не бев сигурен дали е тој, но го познав по тетоважите. Го повикав мојот братучед Иле Гаврилов и отидовме во болница”,
рече Панов.
Таму рече дека на Андреј му дале адреналин, но никој не му кажувал дали е жив. Рече дека тој се обидувал да го реанимира, а по извесно време една од медицинските сестри му кажала оти сите што се сместени во собата број 2 се без респираторна функција, односно дека не дишат.
На прашање на обвинителката, кажа дека го видел Лазар Захариев од обезбедувањето како помага, но не и другите што таа вечер биле ангажирани како обезбедувачи. Потврди дека заедно со уште едно лице го извлекле Тодор Јованов од стампедото.
На прашање на обвинителката, кажа и дека додека бил на цигара надвор, кога почнал пожарот, го видел сопственикот Дејан Јованов-Деко како претрчува покрај него внатре во дискотеката со ПП-апарат во рацете.
Поврзани вести:
Со искази на сведоци на Обвинителството треба да продолжи судењето за „Пулс“
