Многу се надевам дека меѓувладината седница ќе биде до крајот на годинава, рече претседателката на ЕК, додека албанскиот премиер рече дека одржувањето на меѓувладините конференции сега е прашање на ЕУ, „не на ЕК, туку на член на европското семејство кој со инает се однесува кон друг и го држи како заложник“
Веќе нема да чекаме дали ќе се случи или нема да се случи. Нема да се подготвуваме за свадба. Неколкупати се подготвуваме, но сватовите не дојдоа. Кога ќе дојдат, ќе ја правиме свадбата. Дотогаш ќе си ја работиме нашата работа, не за да ги импресионираме Брисел, Париз или Берлин, туку заради нашата иднина, изјави албанскиот премиер Еди Рама на денешната заедничка прес-конференција со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која од Тирана ја почна посетата на Западен Балкан, а нејзина следна дестинација денеска е Скопје.
Фон дер Лајен, на прес-конференцијата со Рама, рече дека дава целосна поддршка за почнување на преговорите на Албанија и Северна Македонија со ЕУ.
„Давам целосна поддршка за почеток на преговорите со Албанија и со Северна Македонија што е можно поскоро. Ние разговаравме за тоа во минатото, работиме на тоа. Двете земји ги исполнија сите свои задачи и сега ние сме тие што треба да го реализираме својот дел. Јас сум одлучна Албанија и Северна Македонија да ги отворат преговорите што е можно поскоро. Многу се надевам меѓувладината седница да биде до крајот на годинава“,
рече таа.
Рама рече дека Албанија продолжува да го користиме знаењето и искуството на ЕУ за да се модернизираат институциите во земјата.
„Потоа, дали конференциите и поглавјата ќе бидат отворени или не, е прашање на ЕУ. Не на ЕК, туку на член на европското семејство кој со инает се однесува кон друг и го држи како заложник. Имаме толку многу други работи што треба да ги направиме, така што не треба да го губиме фокусот, трпението или смиреноста, туку треба да одиме напред“,
рече Рама.
Фон дер Лајен зборуваше и за помошта што ЕУ ја дава за земјите од Западен Балкан, пред сѐ во справувањето со пандемијата и за зајакнување на економијата, а се задржа и на Берлинскиот процес, оценувајќи „колку е побрз Берлинскиот процес толку побрза е интеграцијата во ЕУ“.
Во рамки на престојот во Албанија, таа прво се сретна со Рама, потоа со шефот на државата Илир Мета, а присуствуваше и на пуштањето во функција на реконструирани училишта и градинка кај Круја, погодени од катастрофалниот земјотрес, а обновени со европски пари.