Дополнително, веќе се обезбедени средства и за втора тура на облека, а на 16 и 17 јуни повторно ќе пристигнат експерти од Бугарија кои ќе започнат со земање индивидуални мерки за новата нарачка

Иницијативата „Супорт Кочани“ обезбеди набавка на првата тура компресивна обкела што е наменета за повредните во пожарот во т.н. кабаре „Пулс“, информираа вечерва оттаму.
Од Иницијативата велат дека е исплатена фактурата во вредност од 923 458 денари. Средствата за набавка на компресивната облека, додаваат од „Супорт Кочани“, целосно биле обезбедени преку донации од граѓани, компании и поддржувачи од земјата и странство.

Како што информираат од Иницијативата, компресивната облека е нарачана и се очекува да пристигне во Кочани околу 16 јуни.
Дополнително, веќе се обезбедени средства и за втора тура на облека, а на 16 и 17 јуни повторно ќе пристигнат експерти од Бугарија кои ќе започнат со земање индивидуални мерки за новата нарачка.
Од „Супорт Кочани“ упатуваат благодарност до компаниите „Јулиус зорн“ и „Хелт 2000“, за кои велат дека одобриле попуст во вредност од 19 600 лева, со што значително се олеснило обезбедувањето на неопходната медицинска помош за поголем број повредени.
„Иако некои процеси бараат време, ова е доказ дека кога има волја – има и начин. Ви благодариме на сите вас – граѓани, пријатели и непознати хумани срца – што покажавте што значи вистинска солидарност“,
се наведува во соопштението на иницијативата.
Иницијативата „Супорт Кочани“ беше формирана веднаш по пожарот во „Пулс“, а во неа се вклучени 30-тина волонтери, а меѓу нив има и млади луѓе кои биле присутни во клубот на трагичниот 16 март.