Оттаму соопштија дека пратката, чиј износ од 283 802 денари е целосно исплатен од „Супорт Кочани“, е испорачана во земјава вчеравечер, а денеска е доставена во болницата во Кочани
Граѓанската иницијатива „Супорт Кочани“ информира дека денеска во Кочани е донирана втората пратка компресивна облека, која вклучува 43 парчиња изработени по мерка за 17 од повредените во пожарот.

Оттаму соопштија дека пратката, чиј износ од 283 802 денари е целосно исплатен од „Супорт Кочани“, е испорачана во земјава вчеравечер, а денеска е доставена во Општата болница во Кочани.
Првата пратка со компресивна облека наменета за повредените од пожарот во „Пулс“, која беше обезбедена од граѓанската иницијатива, беше во вредност од 923 458 денари.
„Вкупниот износ за двете набавки изнесува 1 207 260 денари, односно 23 560 37 евра – средства обезбедени исклучиво преку донации од хумани граѓани, фирми и поддржувачи од земјата и дијаспората. Голема благодарност упатуваме до компаниите Julius Zorn GmbH и Health 2000, кои што овозможија квалитетна и навремена медицинска помош за што поголем број повредени лица“,
велат од „Супорт Кочани“.
Иницијативата „Супорт Кочани“ беше формирана веднаш по пожарот во „Пулс“, а во неа се вклучени 30-ина волонтери, меѓу нив и млади луѓе кои биле присутни во клубот на трагичниот 16 март.