Разрешениот поглавар на Исламската верска заедница, Сулејман Реџепи, се огласи во јавноста велејќи дека се повлекува со неотповиклива оставка од функцијата, како и дека за неговата работа единствено одговара пред Бога, но спремен е да одговара и пред законот. Тој вели и дека е длабоко трогнат од нецивилизираната кампања која се водела против него.
„Последните денови во јавноста се пласираа редица дезинформации и се одвиваше кампања што јас ја сметам за нецивилизирана, а која што се однесуваше на мојата личност при што се нанесоа сомнежи на мојата активност и ангажирање на чело на ИВЗ во РСМ. Како верски водач и човек, длабоко сум трогнат од оваа навредлива кампања, но во ниту еден момент не го оспорив правото на кој било да го изнесе своето мислење и став, свесен и уверен дека единствениот и конечен судија за делата на секој човек е и ќе биде секогаш единствениот семоќниот Алах“,
вели Реџепи во соопштението.

Во обраќањето тој наведува дека повеќе од четири децении работел и творел ексклузивно во ИВЗ на која и го посветил животот и во која дал свој придонес на разни начини.
„Во тој поглед секогаш сум инсистирал на подигнување на квалитетот на исламското верско образование преку заживување на училиштата и на факултетот за исламски науки кои што негуваат чисто исламско образование. Истовремено, со моите соработници сум работел и сум се ангажирал за подигање и ревитализација на стотици џамии кои што денес се во служба на муслиманските верници“,
вели Реџепи.
Соопштението на бившиот поглавар доаѓа откако пред три дена Ријасот на ИВЗ реши да го разреши од функцијата и постави в.д. поглавар.
