За ова се потребни измени на постоечката легислатива како што е користење (е-пошта и е-достава) со учесниците во постапките, како и обезбедување опрема за онлајн-судења или за изведување само на некои докази на тој начин
Ова ќе значи опремување на повеќе од 100 судници низ 34 суда во целата држава и судница во рамките на Академијата за судии и јавни обвинители, како и во затворот „Идризово“
Судството ќе се дигитализира. Ваква информација вчера усвоила Владата и се однесува на активностите што треба да се преземат во текот на 2021 година.
Планот содржи активности што ќе се одвиваат во повеќе фази, а ќе се започне со измени на постојната легислатива, како што е користење (е-пошта и е-достава) со учесниците во постапките, како и обезбедување опрема за онлајн-судења или за изведување само на некои докази на тој начин.
За тоа судовите треба да се опремат со соодветна опрема, интернет-конекција и други потребни уреди за изработка на електронски документи, користење дигитални сертификати (потписи) и дефинирање дигитален идентитет за странките, адвокатите и другите учесници во постапката, како и унапредување на АКМИС, обезбедување доволно кадри и нивна континуирана обука за користење на системот и опремата.
Ова ќе значи опремување на повеќе од 100 судници низ 34 суда во целата држава (27 основни суда, четири Апелациски суда, Управен и Виш управен, како и Врховниот суд), опремување судница во рамки на Академијата за судии и јавни обвинители, како и во затворот „Идризово“.
Сето ова треба да заврши до крајот на 2021 година.
За онлајн-судења се размислува уште со почетокот на пандемијата, откако поради меѓу обвинетите има позитивни или во изолација и рочиштата често беа одложувани.
Во октомври лани претседателот на Судскиот совет Киро Здравев посочи дека има една препрека поради која се доведува во прашање спроведувањето на ваквата идеја, а тоа е согласноста на обвинетиот за ваков тип судење.
Меѓутоа, освен законските пречки за одржување онлајн-судења, друг проблем со кој се соочуваат судовите, ако веќе се создаваат услови за ваков начин на судење, е фактот дека поголемиот дел од судовите во државата не се технички опремени за вакви постапки.