Од Судскиот совет се повикуваат на членот 428 од Законот за кривична постапка (ЗКП) кој се однесува на забраната за менување на полошо (Reformatio in peius)
Судскиот совет го објави наодот на работната група во врска со предметот против Менсур Пајазити кој во понеделникот беше осуден на две години затвор за прегазувањето на 22-годишната Теодора Ристовска.

Пресудата, конкретно одредената казна, што ја одреди судијата Елмедин Ферати во повторениот судски процес, кој почна и заврши во понеделникот, предизвикаа жестоки реакции во јавноста.
Поради бројните повици, Судскиот совет формира работна група од три члена, која, како што информира претседателот на ова тело, Александар Камбовски, денеска до него ја доставило информацијата за она што го утврдиле од анализата на предметот.
Таа попладнево е објавена на веб-страницата на Советот и, како што може да се прочита, е на иста линија со она што претходно денеска го соопштија од подружницата на Здружението на судиите на РС Македонија при Основниот суд во Тетово.
А тоа е дека судијата Ферати не можел да досуди повисока казна, бидејќи ако е изјавена жалба само во корист на обвинетиот, пресудата не смее да се измени на негова штета во однос на правната оцена на делото и на кривичната санкција.
Имено, од Судскиот совет се повикуваат на членот 428 од Законот за кривична постапка (ЗКП), кој се однесува на забраната за менување на полошо (Reformatio in peius), на што се повикаа и тетовските судии.

Како и тие и Судскиот совет во соопштението, како поткрепа на ваквиот заклучок од увидот во предметот, наведува хронолошки преглед на постапувањето на судовите, а изнесените информации во поголем или во помал дел веќе ѝ се познати на јавноста.
Имено, Менсур Пајазити во првиот судски процес пред Основниот суд во Тетово, за прегазувањето на младата Теодора Ристовска пред речиси три години со првостепена пресуда е осуден на три години и шест месеци затвор. Тоа било на 30 ноември 2023 година.
Казната на две години ја намалува Апелацискиот суд во Гостивар во жалбената постапка што ја иницира обвинетиот преку својот бранител. Во текот на второстепената постапка, Вишото јавно обвинителство Гостивар предложило жалбата на Пајазити да се одбие како неоснована, но на јавната седница го менува предлогот и излегува со нов – да се уважи жалбата и на обвинетиот да му се изрече поблага кривична санкција.
„Против пресудата на Основниот суд Тетово К.бр.436/23 од 30.11.2023 година жалба до Апелациониот суд Гостивар изјавил обвинетиот преку бранител . Вишото јавно обвинителство Гостивар по изјавената жалба доставил писмен предлог III КОЖ.бр.99/24 од 11.03.2024 година, со кој се предлага изјавената жалба од обвинетиот да се одбие како неоснована. Апелациониот суд Гостивар закажал и одржал јавна седница на која јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство Гостивар, извршил измена на предлогот III КОЖ.бр.99/24 од 11.03.2024 година, со тоа што предложил делумно да се уважи жалбата на обвинетиот изјавена преку бранителот на начин што на обвинетиот ќе му се изрече поблага кривична санкција . Со пресуда на Апелациониот суд Гостивар КЖ-64/24 од 16.04.2024 година жалбата на обвинетиот делумно се уважува, а пресудата на Основниот суд Тетово К-436/23 од 30.11.2023 година се преиначува само во делот на одлуката за кривичната санкција, така што обвинетиот се осудува на казна затвор во траење од две години“,
се вели во соопштението на Судскиот совет.
Но тука не завршува постапката. Обвинетиот преку својот бранител поднесува барање до Врховниот суд за преиспитување на првостепената пресуда на Основниот суд Тетово од 30 ноември 2023 година и на пресудата на гостиварска Апелација од 16 април, лани.
Врховниот суд одлучува да ги укине двете пресуди и предметот да го врати на повторно судење во Основниот суд во Тетово.
Нов момент е што предметот не оди повторно кај судијата што ја донел претходната пресуда, туку го добива друг судија. Од Судскиот совет не го појаснуваат овој детал, но за него информираа од подружницата на Здружението на судии при тетовскиот суд. Како што напишаа тие во соопштението, првиот судија заминал во пензија, па поради тоа делењето на правдата во предметот паднало кај Елмедин Ферати.
„По одржана главна расправа на ден 07.04.2025 година по предметот К.бр.117/25 на која расправа обвинетиот дал признание на вина за предметното кривично дело кое му се става на товар со обвинението, Основниот суд Тетово го осудува на казна затвор во траење од две години. Согласно член 428 од ЗКП, ако е изјавена жалба само во корист на обвинетиот пресудата не смее да се измени на негова штета во однос на правната оцена на делото и на кривичната санкција“,
велат од Судскиот совет.

Пресудата на судијата Елведин Ферати предизвика бурни реакции во јавноста, од кои дел се однесуваа и на интегритетот на судијата.
На пресудата реагираше и премиерот Христијан Мицкоски, кој досудената казна од две години ја оцени како неправда и побара од Судскиот совет да го преиспита работењето на судијата Ферати и уште еднаш да се анализира пресудата.
„Јавно да прашам, има ли некој во државава кој смета дека тука е задоволена правдата. Јас не само што не сметам дека правдата е задоволена, но и како претседател на Владата, како човек и родител на две деца, сум силно разочаран. Ова не е правда. И тука имаме потфрлање на системот по сите основи. Знам дека некој ќе ми се налути, ќе излезат и такви полноглавци коишто ќе ме критикуваат после ова што ќе го кажам, но јавно барам од Судскиот совет да се преразгледа работењето на овој судија и уште еднаш да се анализира оваа пресуда. Ова не е партиска борба, ова е битка за вистината, за одговорноста, за правдата. Затоа што ова е борба меѓу луѓе и нелуѓе. И луѓето мора да победат. Само така можеме заедно да победиме“,
рече Мицкоски во вторникот одговарајќи на новинарски прашања.
Семејството на загинатата Теодора Ристовска денеска во отворено писмо, меѓу другото, соопшти дека очекува и се надева дека Судскиот совет адекватно ќе постапи во врска со, како што велат, скандалозната и срамна одлука на тетовскиот судија Елведин Ферати, кој во понеделникот го осуди обвинетиот Менсур Пајазити на две години затвор за сообраќајката пред речиси три години.