Огласот, како што едногласно одлучија мнозинството членови на Судскиот совет на седницата, ќе биде распишан согласно новиот Закон за Судски совет, што беше донесен кон крајот на минатата година
Предлогот го даде претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, кој на денешната расправа рече дека објавувањето оглас е единствениот начин на кој може да постапи Советот, имајќи ги предвид напатствијата од пресудата на Управниот суд
Судскиот совет на денешното продолжение на 534. Седница донесе одлука да објави оглас за избор на судија во Уставниот суд, со што треба да се пополни местото што остана испразнето по пресудата на Управниот суд да го поништи изборот на Елизабета Дуковска за судијка во Уставен.

Огласот, како што едногласно одлучија мнозинството членови на Судскиот совет на седницата, ќе биде распишан согласно новиот Закон за Судски совет, што беше донесен кон крајот на минатата година.
Имено, на продолжението на 534. седница на Судскиот совет, која започна вчера, точка на дневен ред беше разгледување на пресудата на Управниот суд од 15 мај минатата година, со која беше поништена одлуката на Собранието од 10 април 2023 за избор на Елизабета Дуковска за судијка во Уставниот суд.
За потсетување, Дуковска беше избрана за уставна судијка од Собранието, како предлог на Судскиот совет. Но, шест месеци подоцна до Управниот суд стигна тужба од Антоанета Димовска, тогаш судија во Основен граѓански суд, а сега актуелна членка на Судскиот совет. Во неа таа се жалеше дека кога Судскиот совет ја утврдил Дуковска како предлог за уставен судија, со 11 гласа „за“ од можни 13, не се изјаснил и за другите двајца кандидати, меѓу кои и Димовска.
Уште на самиот почеток, по отворањето на оваа точка на седницата, Димовска се повлече од работата на Советот бидејќи, како што кажа, таа е подносител на тужбата, по која судот ја донел пресудата и оти не сака да се расправа по предлогот што тогаш бил даден на седницата.
„Бидејќи тужбата ја поднесов јас, јас сум сега член на Судскиот совет. За мене оваа работа, лично за мене веќе нема никаков смисол, бидејќи сум тука, јас не можам да учествувам и нема да учествувам во понатамошниот тек на постапката. Јас имав доставено свое сиви до Судскиот совет, зошто сум заинтересирана. Во овој момент јас сум член на Судскиот совет и ќе ја напуштам расправата и не сакам да се расправа по предлогот кој тогаш бил даден на седницата, затоа што јас веќе не сум заинтересирана за тоа“,
кажа таа и ја напушти салата за седници на Советот.
Камбовски за пресудата на Управен
Давајќи осврт на пресудата на Управниот суд, претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, кажа дека имајќи ги предвид „напатствијата“ од пресудата, единствениот начин да постапат во случајот е да дадат предлог за избор на судија во Уставниот суд.
„Пресудата на Управниот суд ја анализирав и ја разгледав и според мене од истата произлегува дека во постапката кога се давал предлогот за уставен судија до Собранието од страна на Судскиот совет се направени повреди на таа постапка коишто резултирале во еден предлог, кој самата пресуда го карактеризира како незаконит, нетранспарентен и необјективен. Токму и поради тоа Управниот суд ја донел одлуката со којашто ја поништи одлуката на Собранието. Во напатствијата коишто ги дава судот, помеѓу другото, тие се однесуваат и на предлогот на Судскиот совет, односно предлогот којшто ние треба да го дадеме. Од тие напатствија произлегува дека Судскиот совет треба да спроведе една законита, транспарентна и објективна постапка со целосно почитување на мерит-принципите и во согласност со Законот за Судски совет“,
рече Камбовски.
Споделувајќи го своето мислење, тој посочи дека тие треба да постапат согласно новиот Закон за Судски совет бидејќи, како што наведе, тој не само што е во согласност со напатствијата во пресудата на Управниот суд, туку е во согласност и со правата што ги имаат сите судии.
„Според мое мислење, за да може да дадеме еден законит, транспарентен и објективен предлог, треба да објавиме еден оглас, согласно членот 103 од Законот за Судски совет, којшто пропишува кој од судиите може да се јави на тој оглас, кои услови треба да ги исполнува и на тој начин ќе обезбедиме еднаков пристап и еднаква можност на сите заинтересирани колеги судии коишто сакаат да се пријават на овој оглас, а потоа наредно наше е кој од тие судии ќе утврдиме дека заслужува да биде наш предлог до Собранието на државата“,
наведе Камбовски, додавајќи дека тоа е единствениот начин да се постапи по пресудата на Управниот суд.
Камбовски, во оваа насока, додаде дека треба да се направи и итна измена на Деловникот за работа на Судскиот совет, кој што ќе биде усогласен со одредбите на новиот Закон за Судскиот совет, за да може постапката да биде спроведена како што треба, кога таа ќе дојде во фаза на гласање за судиите што ќе се пријават на огласот.

Можат да конкурираат и трите претходни кандидатки, вели Бектовиќ
Со неговиот став се согласи членката на Советот, судијката Џанета Бектовиќ, која во својата дискусија се осврна на елементите за избор на судија во уставниот суд во новиот Закон за Судски совет, а кои се разликуваат од решенијата во претходниот закон.
Во тој контекст, Бектовиќ посочи дека ако со претходното решение се барало кандидатот за уставен судија да има најмалку 15-годишно искуство, новиот Закон за Судски совет предвидува тоа да биде најмалку 20 години.
„Исто така во новиот Закон за Судски совет е предвидено дека постапката треба да започне по објавен оглас, тоа не беше предвидено во стариот закон за Судски совет. Што значи ова по објавен оглас? Духот на новиот Закон за Судски совет е токму во насока на пресудата на Управниот суд во смисла да имаме објективна, законита и транспарентна постапка. Значи, секој судија којшто ги исполнува условите според новиот Закон за Судски совет може да се пријави на огласот којшто Судскиот совет ќе го објави, а со оглед дека се работи за итна постапка, исто така предлагам на денешната седница да биде објавен овој оглас, и понатаму постапката да продолжи според одредбите од новиот Закон за Судски совет. Ова би било во согласност со законската обврска за еднаков меритократски и транспарентен пристап на оваа постапка и исто така се темели на уставните принципи на еднаквост и отчетност при вршењето на јавна функција“,
кажа таа.
Во таа насока, Бектовиќ рече дека со тоа нема да им се ускрати правото на трите кандидатки што претходно конкурирале за местото во Уставниот суд повторно да се пријавата и на овој оглас. Меѓутоа, како што додаде таа, ќе се даде можност на сите други кандидати што евентуално ќе се пријават да конкурираат под еднакви можности, на транспарентен начин и во законита постапка.
„Со тоа, мислам, би се обезбедило начелото на мерит при утврдувањето на предлогот за уставен судија“,
додаде таа.

Николовски: Пресудата на Управен е правен преседан
Нејзиниот колега Ивица Николовски, пак, кажа дека на нивните состаноци во повеќе наврати разговарале за одлуката на Управниот суд и дека неговиот став е познат. Николовски рече дека според него пресудата на Управниот суд е правен преседан чии последици допрва ќе се почувствуваат во правниот систем на државата. Рече дека пресудата е нејасна и конфузна уште во самиот диспозитиви, бидејќи со неа се поништува одлука на друг орган, во случајот на Собранието.
„Ние денеска на оваа седница разговараме за оваа одлука со која се поништува одлуката за избор на еден друг орган, а ние сега тука ќе разговараме за предлог. Но, во таква ситуација сме ставени со ваквата одлука, имајќи го предвид неприкосновеното дејство на правосилните судски одлуки и обврската одлуките да се почитуваат од сите судии во правниот промет. Ние сега држиме жежок костен, како оваа правна ситуација да ја прочистиме, односно да ја вметнеме во системот. Се согласувам, ние сега немаме други можности освен да постапиме, имајќи предвид дека правосилните одлуки на судовите се задолжителни“,
кажа Николовски.

По неговата дискусија, претседателот на Судскиот совет го стави на гласање предлогот за распишување оглас за избор на судија во Уставниот суд, за што поддршка дадоа сите осум членови на Советот присутни на денешната седница.
Членовите одлучија и сите заедно да работат на потребните измени на Деловникот за работа Судскиот совет.
Што се однесува до судијката Елизабета Дуковска, таа повеќе од половина година не е уставна судијка, туку е делителка на правда во Апелацискиот суд Скопје, од каде што дојде.
Во дел од своите јавни настапи, коментирајќи ја пресудата на Управниот суд, нејзиниот сомнеж беше дека пресудата не е пишувана во АКМИС-системот, а наведе и конкретно објаснување зошто се сомнева дека тоа е така. дека Во гостување во емисијата „360 степени“, на 9 јуни минатата година година, Дуковска даде објаснување и зошто се сомнева дека пресудата е пишувана во АКМИС-системот.
„Во АКМИС-системот пресуда кога се куца… Најгоре на образецот, бидејќи е пресуда, секогаш стои во името на граѓаните на Северна Македонија. Оваа пресуда не содржи такво нешто, заради што судиите веднаш донеле решение за исправка“,
рече Дуковска во гостување во емисијата „360 степени“, на 9 јуни минатата година.
За судијката беше спорно и тоа што во пресудата на Управниот суд не се спори актот на Собранието, кое ја изгласа, туку го проблематизира начинот на кој Судскиот совет ја утврдил за кандидатка.
На прашање на „360 степени“ во случај да се оди со повторување на постапката за неа, дали повторно би ја изоделе цела таа постапка или втората варијанта, доколку се распише нов јавен повик, дали би се кандидирале повторно – таа тогаш рече дека засега не може да каже.
