Сакаме да потенцираме дека обезбедувањето на објектот го врши МВР и Судскиот совет не сака непотребно да биде инволвиран во некаков инцидент и да се споменува во каков било контекст, велат од советот
Судскиот совет не сака да го инволвираат во инцидентот со попречувањето на известувањето на денешната екипа на ТВ Телма од пред неговите простории, бидејќи како што велат, тоа се случило пред нивната влезна врата, а попречувањето го направило обезбедувањето од МВР.
„Во врска со денешниот инцидент со екипата на телевизија Телма, чие линковско вклучување во вестите беше прекинато од обезбедувањето на МВР, Судскиот совет има потреба да појасни неколку работи. Инцидентот се случил во внатрешниот дел на зградата, пред влезната врата на Судскиот совет, во време додека траеше седницата на која присуствуваа сите членови и дел од стручната служба. Сакаме да потенцираме дека обезбедувањето на објектот го врши МВР и Судскиот совет не сака непотребно да биде инволвиран во некаков инцидент и да се споменува во каков било контекст, со кој би се довела во прашање работата на медиумите или би се ограничила слободата на изразување“,
велат од Судскиот совет нагласувајќи дека се залагаат за транспарентност и отчетност, како и за соработка со медиумите.
Во прилог на тоа додаваат доказ за транспарентноста и соработката со медиумите и невладините организации е што седниците се јавни и се емитуваат во живо.
Инаку, јавните седници според членот 33 од Законот за Судски совет се нешто што е задолжително за ова тело.
Попречувањето на ТВ Телма во известувањето од пред Судскиот совет претходно го осудија и Здружението на новинар на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари на Македонија (ССНМ) кои побараа надлежните да ги санкционираат виновниците за инцидентот.
