Според него, Судскиот совет сака периодот на изборите да го искористи за внатрешна мини реформа во поглед на измени на правилникот за оценување на судиите, како и за утврдување на постапка за номинирање судија за Уставниот суд
Судскиот совет на првата наредна седница ќе донесе одлука како ќе постапува и работи во периодот до завршување на локалните избори, рече денеска претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, одговарајќи на новинарски прашања по настанот на кој шестмина новоизбрани судии дадоа свечена изјава во Апелацискиот суд во Скопје.

Во моментов, како што рече, се разговара дали Советот комплетно да застане со работата или, пак, ќе може некои фази од постапките да ги работи и да постапува по нив, а само изборот да биде по завршување на изборите.
„Со колегите сè уште разговараме дали ќе постапуваме, што ќе постапуваме, во која фаза во предметите ќе постапуваме. На првата наредна седница ќе донесеме и соодветна одлука. Внимаваме да не се доведе под сомнение нашата работа и да не не поврзат со некои политички случувања. Избори се и голема е опасноста некоја наша одлука да се толкува на тој начин“,
рече тој.
Според него, Судскиот совет сака периодот на изборите да го искористи за внатрешна мини реформа во поглед на измени на правилникот за оценување на судиите, како и за утврдување на постапка за номинирање судија за Уставниот суд.
„На секој оглас има големи реакции од судиите. Сметам дека сегашното решение не е најдоброто. Ќе работиме на утврдување начин како ќе номинираме судија за Уставниот суд. Познато е како заврши претходното наше номинирање. Испадна дека има повреда на некоја процедура, иако кај нас нема предвидено никаква процедура. Затоа сакаме да предвидиме процедура и да им биде јасно на сите судии кои се условите, кои се критериумите и воопшто да нема простор за сомнеж“,
кажа Камбовски.
На прашањето дали предлог кандидатот за Уставен суд ќе биде објавен после изборите, тој рече дека е можно, но и дека е подобро да не се брза со предлози.
За поднесената претставка од поранешната уставна судијка Елизабета Дуковска, рече дека се постапува, но дека сè ќе зависи од тоа каква одлука ќе се донесе за работата на Советот.
За предлогот за нов член на Судскиот совет на местото на Мињазим Мустафа, Камбовски рече дека се очекува новиот закон за судски совет.
Според него, постои голем проблем со човечките ресурси, не само во поглед на судии туку и за стручни соработници, советници и записничари.