Скопскиот Кривичен суд ја потврди информацијта што ја објави ТВ “Алсат” – дека осомничениот судијата и актуелен член на Судскот совет, Зоран Теофиловски, кој утрово сам се пријави во Судот, се повикал на својот имунитет.

Фактот што Теофиловски се повикал на имунитетот, во ситуација кога за него обвинителството бара притвор во истрага за незаконска легализација, а потоа и откуп на земјиште во тетовско, значи дека на сцена стапува Судскот совет. Телото мора да заседава и да донесе одлука – дали ќе му го симне имунитетот на Теофиловски, по што судија на претходна постапка ќе може да одлучува дали да одобри притвор или, пак, ќе одлучи да не го симне имунитетот на нивниот колега што ќе значи дека тој ќе се брани од слобода.
Од Судскот совет за „360 степени“ велат дека досега не добиле допис за статусот на предметот против Теофиловски, но ги следат случувањата, бидејќи од моментот кога ќе стигне предметот тие мора да одлучат во рок од 24 часа.
„Во моментов сите сме на работа. Доколку стигне допис, подготвени сме во најскоро можно време да постапиме“,
велат од Судскиот совет.
Судијата и член на судскиот совет Теофиловски вчера цел ден не беше достапен за полицијата. Тој е првоосомничен во предмет против вкупно 8 лица, за незаконска легализација и приватизација на земјиште во тетовско, со што е оштетен државниот буџет за околу 860.000 евра.
За него и за уште пет други лица обвинителството побара притвор. Но, судија на претходна постапка одобри само куќен притвор за останатите петмина, додека за Теофиловски не донесе одлука, бидеЈќи немаше допис од МВР дека осомничениот е недостапен, без што не може да му се одреди притвор на лице во отсуство.
Засега останува нејасно и зошто Обвинителството за гонење на организиран криминал отвори истрага против 8 лица кога кривичната пријава на МВР е против 13 лица, меѓу кои се и поранешниот градоначалник Сади Беџети и државната правобранителка за општина Тетово Јованка Ѓорѓеска.
ПОВРЗАНА ВЕСТ: САДИ БЕЏЕТИ – ВИДЛИВ ЗА ОЛИВЕР СПАСОВСКИ, НЕВИДЛИВ ЗА ВИЛМА РУСКОВСКА