Функцијата на судијата во Кривичниот суд во Скопје престанува на 29 септември
Судскиот совет, на денешната седница, констатирал престанок на функцијата на судијата Владимир Туфегџиќ од Кривичниот суд во Скопје, кој поднесе оставка пред неколку седмици.
Како што информира коалицијата „Сите за правично судење“, одлуката на Судскиот совет предвидува функцијата на Туфегџиќ да престане на 29 овој месец.
Наспроти тоа, во оставката што ја поднесе во Судскиот совет, Туфегџиќ побара таа да важи од почетокот на декември, за да може да ги заврши работите предвидени со годишниот план на Кривичниот суд во Скопје.
„Одлуката ја донесов во време во кое внимавав, пред сè, на започнатите предмети и обврски, преземени со годишниот распоред на судии за 2021 година, особено на моето постапување во предметот ‘Таргет-Тврдина’. Од тие причини побарав од Судскиот совет, на 25.8.2021 година, да престане мојата судиска функција, по мое барање заклучно со 1.12.2021 година, за да не се наруши процесот на работата по предметите чии главни расправи за септември и октомври се закажани во јуни, како и да има доволно време за организација, преземање и продолжување на започнатите постапки во нов судечки состав со годишниот распоред за 2022 година“,
изјави Туфегџиќ кон крајот на август за „360 степени“, зборувајќи за оставката што ја поднесе, по повеќе од 13 години судиски стаж, и за неговите намери за враќање во адвокатурата.
На денешната седница Судскиот совет донесе и Методологија со индикатори за утврдување на сложеноста на судските предмети, констатираше престанок на судиската функција на Маринела Јакасановска поради исполнување на условите за старосна пензија и донесе одлуки за престанок на мандатот на судии поротници во основните судови во Берово и во Струга, како и за избор на судии поротници во Берово.