Против апелацискиот судија веќе се водеше дисциплинска постапка затоа што неоправдано го држел во фиока предметот „Таргет-Тврдина“, во кој еден од осомничените беше поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков. Велиме беше, бидејќи во комбинација со измените на Кривичниот законик, делата кои му се ставаа на товар на Мијалков во тој предмет застареа. Во таа дисциплинска постапка, Беџети доби казна 20% намалена плата во рок од шест месеци
Минатата недела судијата Енвер Беџети беше ставен на американската „црна листа“ заедно со функциониерот на ДУИ, Артан Груби. Причината – примиле поткуп за да го спасат Сашо Мијалков во „Таргет-Тврдина“
Нејасно и нелогично е како Судскиот совет повторно ќе води постапка за одговорност и евентуално разрешување на судијата Енвер Беџети, кој неодамна се најде на „црната листа“ на САД за корупција и поткопување на судските процеси, откако минатата година веќе еднаш одлучуваше за тоа и реши само парично да го казни. Така оценуваат поранешната судијка во Врховниот суд, Вера Коцо, Ивана Петковска од Коалицијата „Сите за правично судење“ и новинарот на БИРН, Васко Маглешов, во дебата во „360 степени“ на МРТ 1.
По информациите дека член или членови на Судскиот совет веќе поднеле таква иницијатива, Ивана Петковска коментира дека институциите како да се будат единствено по реакции на меѓународната заедница.
„Не знаеме Судскиот совет врз основа на што ја има покренато иницијативата, односно дали се нови докази, нови наводи кои укажуваат на корупција. Меѓутоа, мора да се напомене дека Судскиот совет, и во извештајот на ЕК, беше особено тангиран по ова прашање, каде што јасно беше наведено дека немало соодветна разрешница за судијата по овој предмет, односно немало негово разрешување, со оглед на тоа што чувал предмет од јавен интерес во фиока девет месеци. Ќе мора внимателно да се разгледува овој предмет и да видиме како Судскиот совет ќе постапува. Со оглед дека пастапките се тајни, претпоставувам нема да има многу информации во јавноста, доколку судијата сам не побара. Но, навистина е дилема дали Судскиот совет може повторно да одлучува за иста работа“,
вели Петковска од Коалицијата „Сите за правично судење“.
Поранешната судијка во Врховниот суд и членка на управниот одбор на Институтот за човекови права, Вера Коцо, вели дека се отвора прашањето дали судијата Беџети требаше да биде ставен на „црната листа“ за да се разбуди Судскиот совет.
Вера Коцо: Имаа можност ова прашање убаво да го разрешат уште во тој момент. Го пропуштија тоа, му дадоа минимална казна од 20 отсто од плата што не значи ништо за таква повреда. Сега оваа нова иницијатива покрената во Судскиот совет не знаеме од кои причини е и дали е поврзана со тоа или е откриено нешто друго. Бидејќи сите знаат дека не може никој да одговара два пати за една иста работа. Се одлучува еднаш, дали е тоа кривично или друга постапка, но секогаш се одлучува еднаш за една работа. Како ќе го изведе тоа Судскиот совет, немаме информација, бидејќи не знаеме што е содржано во таа иницијатива. Како тој ќе се брани и што понатаму ќе се случува, останува да видиме.
„360 степени“: Логично ли ќе беше судијата веќе самиот да поднесе оставка?
Вера Коцо: Па тоа е логично, но ако имате чест и доблест, храброст и кредибилитет и судска, односно професионална храброст да го направите тоа. Ако не, останува сѐ на случајот.
И новинарот Маглешов е на иста линија – судијата Беџети требаше самиот да се повлече, бидејќи веќе е проблематично неговото постапување во другите предмети.
„Сакам да нагласам дека Судскиот совет ја пропушти можноста бидејќи нестручно и несовесно вршење на судиската функција е член од Законот за судови и вели дека судија може да биде разрешен ако не го зема предметот во работа, поради што настапува застареност на кривичното гонење. Значи, 100:0, само според ова судијата Беџети требаше да биде разрешен. И тоа го пишуваше децидно во Извештајот на ЕК“,
вели Маглешов.
Според него, вкупната сума од дисциплинската казна која му беше изречена на судијата Беџети мината година изнесува околу 2 500 евра.
„Тоа е една просечна судиска плата, 20% по шест месеци. Тоа е премалку за штетата која ја направил тој, не само за конкрентиот предмет, туку и за поткопување на довербата на граѓаните и јавноста во правосудниот систем“,
вели Маглешов.
„Мислам дека воопшто не требаше да следува парична казна. Парична казна се знае, се дава за полесни повреди каде што може да се санира состојбата. А во случајов се работи за тешка повреда која повлекува разрешување. Не знам зошто Судскиот совет имаше дилема околу тоа прашање. Но, најверојатно, како што се случува, некои превирања диригирани од таму-ваму придонесоа да го разнишаат нивното мислење и на крајот да донесат смешна одлука за судската фела и јавноста“,
потенцира Коцо.
„За разлика од овој судија којшто заврши со парична казна, имаме разрешен судија за предметот ’Траекторија’, каде едно од кривичните дела застаре поради тоа што рочиштата не се закажувале доволно често или кратко траеле. Така што, имаме различна пракса на постапување од страна на Судскиот совет“,
додава Петковска.