Во целата постапка, на која ѝ претходеа низа правни перипетии, има и извесна доза иронија. Првата е што Мери Дика Георгиевска, доколку биде именувана од Собранието, ќе дојде во столчето во Уставен во кое претходно седеше токму Дуковска, пред нејзиниот избор да биде поништен од Управниот суд, во постапка што ја иницира членката на Судски, Антоанета Димовска
Судскиот совет на денешната седница со мнозинство гласови одлучи да ја предложи судијката и актуелна претседателка на Апелацискиот суд Скопје, Мери Дика Георгиевска, за членка на Уставниот суд на Република Северна Македонија.

Изборот беше меѓу неа и нејизната колешка, која исто така доаѓа од скопска Апелација, Елизабета Дуковска, која не ја доби поддршката на членовите на Судскиот совет.
Во целата постапка, на која ѝ претходеа низа правни перипетии, има и извесна доза иронија. Првата е што Мери Дика Георгиевска, доколку биде именувана од Собранието, ќе седне на столчето во Уставен, во кое претходно седеше Дуковска, пред нејизниот избор да биде поништен од Управниот суд, во постапка што ја иницира членката на Судски, Антоанета Димовска.
Димовска, поради оваа околност, се иззеде од одлучувањето по оваа точка на дневен ред и не учествуваше во денешното гласање и дискусијата.
Вториот момент на кој може да му се препише знакот на иронија, е што на Дуковска, условно кажано, ѝ пресудија двете години поминати токму како уставна судијка.
Имено, мнозинството членови на Судскиот совет, во аргументацијата за своето одлучување, како клучно го наведоа тоа што Дуковска нема непрекинат стаж како редовна судијка од 20 години, како што бара Законот за судски совет.
Во однос на професионалниот интегритет и работата на двете судијки, членовите на Советот немаа забелешки.
Дискусијата
Но, како се одвиваа денешната дискусија и гласањето?
Уште пред членовите на Советот да гласаат поединечно за секоја од двете кандидатки, членката Тања Чачарова-Илиевска го истакна делот од извештајот за кандидатките за уставен судија – дека Елизабета Дуковска не го исполнува критериумот кој налага да има стаж од над 20 години.
На претходната седница, членката Данка Ристова соопшти дека за судија да биде предложен и избран за уставен судија треба да има најмалку 20 години судиски стаж, а Елизабета Дуковска има „21 година, 10 месеци и 18 дена, но од тие 2 години, 1 месец и 26 дена се работно искуство како судија на Уставниот суд на РСМ, период во кој ѝ мирувала судиската функција во Апелацискиот суд Скопје“.
„На минатата седница усвоивме извештај за навременост и комплетност на пријавите. Од извештајот што го усвоивме и прилозите доставени кон истиот, дадени се и годините на судски стаж на двете кандидатки. Од ова произлегува дека од прилозите во пријавата на судијката Елизабета Дуковска, судија во Апелациски суд Скопје, и покрај, морам да кажам, нејзините биографски податоци за стручен и професионален развој кои се одлични и нејзиното досегашно искуство како судија на Уставниот суд, произлегува дека овој судија не го исполнува законскиот услов за должина на судски стаж што е неопходен за да може да биде уставен судија. Во членот 22 од Законот за судови јасно е наведено кои судови ја вршат судиската власт. Во оваа одредба не е влезен стажот поминат во Уставен суд, односно дека е судиски стаж. Во член 53 исто од Законот за судови стои: ‘Ако судијата е именуван или избран за член на Судскиот совет на РСМ, судија на меѓународен суд, судија на Уставен суд, јавен обивнител на Република Македонија, директор или заменик-директор на Академија за судии и јавни обвинители, судиската функција му мирува за времето додека ја врши должноста на која е именуван или избран. Имајќи ги предвид ваквите законски одредби, значи дека времето поминато како судија во Уставен суд не може да влезе во судиски стаж. Од тие причини можам да извлечам заклучок дека истата не ги исполнува условите за да може да биде кандидат за Уставен судија“,
рече Чачарова-Илиевска.

Јошевска-Анастасовска контра Чачарова-Илиевска
Со ваквиот став не се согласи нејзината колешка Сузана Јошевска-Анастасовска, која кажа дека не може да прифати оти искуството што кандидатката го стекнала како член на Уставниот суд може да се третира како аргумент против кандидатот. Во тој контекст таа додаде дека доколку Советот се држи до формално и граматичко толкување на одредбите од Законот, не може да ја постигне суштината на целта која треба да се постигне.
„Доколку се држиме само до членот на Законот, ние нема да донесеме одлука која во суштина ја исполнува таа цел, а тоа е дека ќе отфрлиме кандидатура на судија кој бил на таа позиција затоа што бил на таа позиција, и тоа, според мене, не е никаков начин на исполнување на целта на овој предлог. Затоа сметам дека ова е една специфична ситуација која во иднина тешко дека може да се повтори. Нема да направиме никаков преседан, ниту, пак, никаква пракса доколку во оваа специфична ситуација, доколку на судија поради долго траење на управна постапка и на претходната постапка останал на таа позиција две години, нема години стаж во редовното судство, туку имал стаж во Уставен суд, да не му го прифатиме тој судиски стаж како релевантен критериум за исполнување на критериумите за кандидатура“,
рече Јошевска-Анастасовска.

На ова свое мислења таа доби реплика од Чачарова-Илиевска, која ѝ порача на својата колешка дека како член на Судскиот совет смета дека е обврзана доследно да го применува законот и Уставот при носење на одлуката.
„Одредбите од Законот за Судски совет, одредбите од Законот за судовите, пред сè одредбите од Уставот не сметам дека се формални и кои можеме ние да ги менуваме во зависност од нашето размислување по однос на спремност, професионалост, должина на судски стаж кога имаме стриктни одредби по однос на ова прашање“,
рече Чачарова-Илиевска.
Гласањето
Во гласањето кое уследи по оваа дискусија, единаесет членови на Судскиот совет гласаа „против“ Елизабета Дуковска да биде предлог за кандидат за уставен судија.

Против нејзината кандидатура гласаше и Сузана Јошевска-Анастасовска. Но, нејзината одлука таа не ја темелеше на нејзиниот стаж, туку на друг дел од поднесните документите во извештајот.
Имено, Јошевска-Анастасовска во своето образложение на одлуката рече дека од документите не произлегува оти Дуковска во целост го исполнува критериумот за придонес во стручната и теоретска мисла во правниот систем, што, според неа, е главен критериум при одлучувањето кој ќе биде избран за кандидат за уставен судија.
„Може да се заклучи дека оваа судијка во одреден период од својата кариера навистина учестувала во активности кои по својата природа претставуваат директен приодонес, особено по учество во изработка на законски решенија. Меѓутоа, во однос на оваа околност за мене пресудна беше временската дистанца, како и актуелноста и ефектот на тој придонес. Имено, доставените податоци од страна на судијата во нејзиното мотивациско писмо и во нејзината пријава и книгите што ги достави укажуваат дека таквиот ангажман датира од пред подолг период. Нејзината последна книга датира од 2002 година односно пред 24 години, при што се однесува за законски акти кои не се ниту во примена ниту во правен поредок“, рече Јошевска-Анастасовска.
Другите нејзини колеги, пак, како аргумент за својата одлука првенствено го посочија тоа што Дуковска не го исполнува условот со судскиот стаж.
Членовите на Советот гласаат поединечно за сите кандидати кои се на листата со „за“ или „против“ (за секој кандидат пооделно).
„Со она што колешката Тања го кажа пред гласањето јас потполно се согласувам. За колешката Елизабета Дуковска воопшто не станува збор за нејзиниот интегритет, станува збор за предвиден законски услов. Ако ова прашање е последица на донесена одлука, по таа одлука нема да се задржам, но за нас е таа задолжителна, сме ја повредиле постапката и затоа беше поништена одлуката за нејзин избор, во овие услови и тоа како мислам дека треба да обратиме внимание и да спроведеме постапка… Условите се базираат на досегашниот стручен развој при вршењето на судиската функцијата во основните судови. Јас не го спорам квалитетот на колешката, но сметам дека не ги исполнува законските услови“,
рече членот на Советот, Ивица Николовски.
„Сметам дека судиите имаат супер биграфски податоци, но сметам дека другиот кандидат, Мери Дика Георгиевска, има подобри квалификации за оваа надлежност на Уставниот суд. Од тие причини гласам против кандидатот Елизабет Дуковска“,
беше образложението на членката Данка Ристова.
Кандидатката Мери Дика Георгиеска беше избрана за предлог за кандидат за уставен судија со 10 гласа „за“ и еден „против“. Гласот против дојде од Сузана Јошевска-Анастасовска.

Како и за Дуковска, и за Мери Дика Георгиевска сите членови на Советот што гласаа образложија зошто сметаат дека таа треба да биде предлогот. Најголемиот дел од нив се задржаа на нејзината биографија, наведувајќи дека е долгодишен професионалец со големо искуство во судството.
Јошевска-Анастасовска против Дуковска, но и против Мери Дика Георгиевска
Од своја страна, Јошевска-Анастасовска образложи зошто е против. Таа рече дека ниту Мери Дика Герогиевска не ја уверила од доставените материјали дека дала недвосмилен придонес во стручната и теоретска мисла и на правниот систем.
„Доставените материјали не овозможуваат доволна јасна и конкретна потврда дека вавкиот придонес постои. Иако формално посотојат материјали кои кандидатката ги приложила како придонес, ако сусштински се анализираат дел од приложените документи се однесуваат на активности кои по својата природа претставуваат составен дел на редовното вршење на судската или раководната позиција на која била. Препораките од коморите за мене не се придонес во развојот на стручната и теоретска мисла. Од другите активности кои се приложени, како на пример магистерскиот труд, не е видливо на кој начин тој магистерски труд имал влијание врз правна мисла или системот во целина“,
рече Јошевска-Анастасовска.
Таа додаде дека квалитетите што се бараат за вршење судиска функција во редовното судство се разликуваат од оние што се очекуваат од еден уставен судија. Во тој контекст, таа наведе дека функцијата во Уставниот суд бара способност за апстрактно и принципиелно толкување, за разлика од редовното судство каде, според неа, доминира примена на закон на конкретна фактичка состојба.
„Уставен судија мора да развива аргументација на ниво на правни принципи и да знае да балансира помеѓу уставните вредности кои можеби понекогаш меѓу себе и си конкурираат. Ова дотолку повеќе што судија од редовно судство е повеќе навикнат да носи одлуки inter partes, а уставен судија мора да носи одлуки erga omnes, на примена на правото кое бара поголема прецизност во аргументацијата“,
кажа таа.

Според неа, овие квалитети ќе можеле да се видат доколку бил прифатен нејзиниот предлог за јавно интревјуирање на кандидатките за уставен судија, но како што кажа, тој беше одбиен.
„Доколку овој судија поседува вакви квалитети, сметам дека лесно ќе можевме да ги утврдиме преку јавно интервју. Со овие доставени документи и нејзиното мотивациско писмо, јас едноставно не можам да утврдам не само дека нема да придонесе во развојот на стручната и теоретска мисла, туку како овие документи покажуаат онаков квалитет за уставен судија што се бара, иако немам дилема дека станува збор за исклучителен судија во редовното судство“,
рече Јошевска-Анастасовска.
Како почна сè
Дуковска беше избрана за уставна судијка од Собранието, како предлог на Судскиот совет. Но, шест месеци подоцна до Управниот суд стигна тужба од Антоанета Димовска, тогаш судија во Основниот граѓански суд Скопје. Во неа таа се жалеше дека кога Судскиот совет ја утврдил Дуковска како предлог за уставен судија, со 11 гласа „за“ од можни 13, не се изјаснил и за другите двајца спомнати можни кандидати, меѓу кои била и таа.
По нејзината тужба, во мај минатата година Управниот суд ја поништи одлуката на Собранието на Република Северна Македонија од 10 април 2023 година за избор на Елизабета Дуковска за судијка во Уставниот суд.
По пресудата на Управниот суд, Дуковска беше „одјавена“ од Уставниот суд, а Судскиот совет објави нов оглас за избор на уставен судија. Во меѓувреме, Дуковска ги користи правните лекови што ѝ се на располагање против пресудата на Управен, „одјавувањето од работа“ од Уставен и постапките на Судскиот совет во нејзиниот случај.
