Тројцата судии се разрешени поради нестручно и несовесно вршење на судиската функција
Упатени извори велат дека разрешените судии се Стојанче Рибарев од Врховниот суд и Сузана Здравева и Зоранчо Мицевски од Апелациониот суд во Штип
Судскиот совет денеска разреши тројца судии. Така одлучила „судската власт“ по расправата по извештаите кои ги прават комисии на известители. Според соопштението од Судскиот совет, сите се разрешени поради „нестручно и несовесно вршење на судиската функција“.

– по 1(едно) барање разрешени се 2 (двајца) судии поради нестручно и несовесно вршење на судиската функција и времено се одалечени од вршење на судиската функција и
известија од Судскиот совет.
– по 1(едно) барање разрешен е 1 (еден) судија поради нестручно и несовесно вршење на судиската функција и времено е одалечен од вршење на судиската функција.
Судскиот совет не ги соопштува ниту имињата на разрешените судии ниту деталните причини за таквата одлука. Упатени извори, сепак, споделуваат дека се разрешени врховниот судија Стојанче Рибарев и двајца судии во Апелациониот суд во Штип, Сузана Здравева и Зоранчо Мицевски.
Кој е Стојанче Рибарев?
Рибарев ја почнува кариерата во 1987 година, како волонтер во Окружниот стопански суд во Штип. Две годни подоцна е вработен како правник. По положувањето на правосудниот испит, продолжува да работи како Секретар на судот.
Во 1996 година е избран за судија во Основниот суд во Штип и работи на граѓански материја. Неполна година подоцна напредува во претседател на Основниот суд во Штип. Веќе во 2000 година, или само четири години по изборот за судија, станува член на Судскиот совет. Во 2002 е избран за судија во Апелациониот суд во Штип а во 2008 година станува и негов претседател. За судија во Врховниот суд е избран во 2016 година, по 14 години поминати во штипска апелација.
Неговото име беше експонирано во јавноста во 2017 година. Тогаш, судскиот совет го назначи за в. д. претседател на Основниот суд Скопје 1, само три месеци пред СЈО да ги поднесе своите обвиненија. Рибарев издржа само шест месеци на позицијата од која самиот даде оставка. Непосредно пред таквиот чекор СЈО направи претрес во судот за (зло)употребата на АКМИС-системот и за делењето предмети на рака во времето на поранешниот претседател на судот Владимир Панчевски.

Сите разрешени судии имаат право на жалба. По жалбата решава Врховниот суд, поточно совет од судии.
Според соопштението од Судскиот совет, на седницата била донесена одлука и да се прекина постапка за утврдање на одговорност против еден судија. Во превод, тоа значи дека Судскиот совет не нашол доволно аргументи за негово казнување.
Но, затоа, советот информира дека се поднесени претставки за други судии.
„Формирани се комисии на известители по поднесените барања за поведување на постапка за утврдување на одговорност на судија/претседател на суд“,
се вели во соопштението од Судскиот совет
Разрешени и судии-поротници, некои предмети на СЈО почнуваат од почеток.
Освен што се разрешени тројцата судии, судскиот совет донесе одлуки за престанoк на мандатот на судии поротници во основните судови во Свети Николе, Радовиш и Скопје. Двајцата судии на кои им прекинува функцијата во Кривичниот суд во Скопје се Митко Сандев и Зенел Елези, поради навршени 60 години возраст.
Проблемот во целата ситуација е што Митко Сандев беше судија-поротник во неколку предмети кои ги поднесе Специјалното јавно обвинителство, а кога се менува макар и еден член на судечкиот совет во еден предмет тој треба да почне од почеток. Меѓу предмети кои се враќаат чекор назад до пресуда се „Тендери“, „Титаник“, „Талир 1“, „Талир 2′ и „Топлик“.
Во „Тендери“ е осомничена екс-министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска, предмет кој деновиве требаше да добие првостепена пресуда. „Титаник“ е вториот најважен предмет на СЈО, во кој беше осомничен тогашниот врв на ВМРО-ДПМНЕ за повеќе дела поврзани со изборни нерегуларности. „По три години судење, изведени докази на обвинителството, 150 сослушани сведоци, „Титаник“ започнува одново поради разрешувањето“, пишува Алсат. Случајот „Талир 1“ се однесува на финансирањето на ВМРО-ДПМНЕ. Обинителството тврди дека партијата само фиктивно уплаќала уплатници од наводно членство, а всушност станувало збор за пари од други извори. Поради овој предмет, беше замрзнат дел од имотот на сега опозициската партија.