„Ги разбираме нивните проблеми бидејќи повеќето членови на Советот доаѓаат од судови и знаат под каков притисок функционираат службениците, особено во големите судови надвор од Скопје“, кажа претседателот на Судскиот совет
Судскиот совет ја разбира сериозноста на проблемите со кои се соочуваат судските службеници и ќе продолжи да се залага за нивно решавање. Ова денеска по средбата со претставници на синдикатите на државната и судската администрација го изјави претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, додавајќи дека даваат целосна поддршка за нивните барања.

„Ги разбираме нивните проблеми бидејќи повеќето членови на Советот доаѓаат од судови и знаат под каков притисок функционираат службениците, особено во големите судови надвор од Скопје“,
рече тој по промоцијата на софтверот за дигитално поврзување на Управниот суд со јавните органи и Вишиот управен суд.
Според него, Судскиот совет веќе побарал од Министерството за финансии да одобри пренамена на средства за исплата на дотациите, за кои рече дека се обезбедени, но се наоѓаат на друга буџетска потсметка.
„Барањето е испратено пред две недели, но за жал сè уште немаме одговор, ниту позитивен ниту негативен. Очекуваме Министерството да реагира бидејќи средствата постојат“,
кажа Камбовски.
Независниот синдикат на државната администрација и Независниот синдикат на судската администрација денеска излегоа со барања до Владата и надлежните институции, предупредувајќи на можен штрајк во сите судови доколку не се подобрат материјалните услови и не се реши проблемот со недостиг на кадар.
Во фокусот е итна исплата на додатоците на плата кои не се исплатени од март оваа година, исплата на регрес за годишен одмор и пресметка на платите согласно коефициентите од Општиот колективен договор во јавниот сектор од 2023 година.
Синдикатите, исто така, бараат итно пополнување на испразнетите работни места поради пензионирање и одлив на кадар, како и зголемување на буџетските средства за наредната година за најмалку осум проценти за повеќе вработувања.
Бараат и итно донесување на законот за судска служба, кој е завршен уште во јуни, но сè уште не е изгласан.
