Синдикатите, исто така, бараат итно пополнување на испразнетите работни места поради пензионирање и одлив на кадар, како и зголемување на буџетските средства за наредната година за најмалку осум проценти за повеќе вработувања

Независниот синдикат на државната администрација и Независниот синдикат на судската администрација денеска излегоа со барања до Владата и надлежните институции, предупредувајќи на можен штрајк во сите судови доколку не се подобрат материјалните услови и не се реши проблемот со недостиг на кадар.
Барањата беа објавени по средбата со претседателот на Судскиот совет, а фокусот е ставен на итна исплата на додатоците на плата кои не се исплатени од март оваа година, исплата на регрес за годишен одмор и пресметка на платите согласно коефициентите од Општиот колективен договор во јавниот сектор од 2023 година.
Претседателот на Независниот синдикат на државната администрација, Горан Ристески, ја опиша моменталната ситуација како неприфатлива.
„Моментално има голем недостиг на персонал, а вработените се принудени да извршуваат задачи за двајца, тројца, па дури и четворица колеги. Додатоците на плата не се исплатени од март, што е неприфатливо“,
изјави Ристески.
Синдикатите, исто така, бараат итно пополнување на испразнетите работни места поради пензионирање и одлив на кадар, како и зголемување на буџетските средства за наредната година за најмалку осум проценти за повеќе вработувања.
Претседателката на Независниот синдикат на судската администрација, Јасмина Величкова, побара итно донесување на Законот за судска служба, кој е завршен уште во јуни, но сè уште не е изгласан.
Величкова вели дека платите на судската служба треба да бидат врзани со платите на судиите, во сооднос од 60 до 80 проценти, за да може да растат пропорционално.
„Ако не се исплатат додатоците и не се обезбедат средства, ќе бидеме принудени да најавиме штрајк во сите судови. Чашата веќе се прелеа“,
предупреди Величкова додавајќи дека на последната седница на Буџетскиот совет повторно не биле обезбедени средства за додатоци за ноември.
Синдикатите најавија дека продолжуваат со преговори со Владата и со Министерството за финансии и оти јавноста ќе биде информирана за следните чекори.
