Судијата во пресудата признава дека Болтон нанел штета со објавување на книгата без авторизација, но дека во ера на Интернет не може да се забрани книга и воедно се повика на Првиот амандман од Уставот
Судија на САД го отфрли барањето на претседателот Доналд Трамп за судска забрана за објавувањето на мемоарите на неговиот поранешен советник за национална безбедност, Џон Болтон.
Се работи за судијата на Окружниот суд во Вашингтон ДЦ, Ројс Ламберт кој изјави дека Владата „не успеала да докаже дека со забраната ќе се спречи непоправлива штета“.
Болтон се „коцкал“ со американската национална безбедност и веќе „ја изложи својата земја на штета“, изјави судијата.
Стотици илјади примероци од книгата „ се испечатени и дистрибуирани, а треба да се појават во продажба во вторник.

Во мемоарите „Собата каде што се случи: Мемоари од Белата куќа“, Болтон претставува досега непозната слика за Трамп кој во носењето на своите претседателски одлуки се водел исклучиво од желбата да биде реизбран во ноември.
Трамп веќе се изјасни дека книгата е „составена од лаги и лажни приказни“.
Што содржи пресудата?
Адвокатите на Министерството за правда тврдеа дека Болтон ја прекршил обврската да го даде ракописот на авторизација пред да биде објавен, за да се обезбеди дека не содржи доверливи информации.
Адвокатите на Болтон,пак, го отфрлија барањето и тврдеа дека се што е напишано е темелно проверно и дека сето ова се прави бидејќи на Трамп едноставно не му се допаѓа содржината.
Во пресудата од 10 страници, судијата Ламберт пишува дека Болтон „најверојатно ја загрозил националната безбедност со тоа што открива доверливи информации без авторизација на содржината на книгата“, но сепак го отфрла барањето за забрана.
„Со одлуката да ја објави својата книга без таа да биде одобрена од националните разузнавачки власти, Болтон навистина може да предизвика непоправлива штета на земјата“,
пишува во пресудата на Ламберт.
„Но, во ера на Интернет, дури и неколку копии во оптек може неповратно да ја уништат доверливоста. Дури и само една личност да ја има книгата може да ја распространи содржината. А со стотици илјади примероци ширум светот, штетата е направена и нема враќање назад“,
се вели во пресудата.
Набрзо по одлуката, Трамп на Твитер напиша дека Болтон „го прекршил законот со објавување на доверливи информации и му се закани:
„Тој мора да плати многу голема цена за ова, како и другите пред него. Ова не смее никогаш да се повтори !!!”,
напиша Трамп.
Подоцна, во друг твит, Трамп ја нарече пресудата „ГОЛЕМА СУДСКА ПОБЕДА против Болтон“, со тоа што е признава дека има прекршување на законот во однос на доверливите податоци.

Адвокатот на Болтон, Чарлс Купер, ја поздрави одлуката на судијата да го одбие барањето за забрана, додека издавачот „Сајмон и Шустер“ му се заблагодари на Судот за заштита на првиот амандман на Уставот против цензура.
Што има во книгата?
Во мемоарите, Болтон го прикажува Трамп како „импулсивен“ и „зачудувачки неинформиран“ лидер.
Меѓу обвинувањата, кои се засноваат на приватни разговори и е невозможно да се проверат, се дека:
-Трамп побарал помош од кинескиот претседател Си Џинпинг за да победи на изборите во 2020 година, истакнувајќи исходот од изборите ќе се одрази позитивно врз земјоделците и зголемените набавки соја и пченица од Кина“;
-Трамп исто така ја поддржал изградбата на кампови за притвор во регионот Ксинџијанг нарекувајќи ги „добра работа“;
-Трамп бил подготвен да интервенира во кривични истраги за да им направи лична услуга на диктаторите кои ги сакал. Болтон тврди дека Трамп бил подготвен да му помогне на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за случај со турска компанија;
-Американскиот претседател велел дека инвазијата на Венецуела би била „добар потег“ и дека оваа јужноамериканска држава е „навистина дел од Соединетите држави“;
-Претседателот Трамп не беше свесен дека Велика Британија е нуклеарна сила и еднаш побара висок помошник да праша дали Финска е дел од Русија.