ОЈО Кочани ја прошири истрагата за пожарот во „Пулс“ со Александар Нацев кој, како и другите осомничени, е осомничен за тешки дела против општата сигурност
На предлог на Основното јавно обвинителство (ОЈО) Кочани, кочанскиот суд му определи 30-дневен притвор на Александар Нацев, сопственикот на агенцијата „Рубикон секјурити“, која го обезбедувала објектот каде што било сместено т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани.

ОЈО Кочани ја прошири истрагата за пожарот во „Пулс“ со Александар Нацев кој, како и другите осомничени во постапката, е осомничен за кривичното дело тешки дела против општата сигурност.
Согласно доказите, како што наведуваат од Обвинителството, тој раководел со деловниот потфат и целокупното работење на агенцијата, заедно со претходно осомничениот управител и со овластеното лице на подружницата во Кочани. Без да имаат склучено договор со корисникот на услугата, односно т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, тие во текот на 2025 година вршеле обезбедување на имот и лица за клубот.