Припадници на ЕУЛЕКС и на косовската полиција ги претресуваат домовите на четворицата обвинети за воени злосторства и просториите во седиштето на Демократската партија
Припадници на ЕУЛЕКС ги претресуваат куќите на поранешниот косовски претседател Хашим Тачи, шефот на пратеничката група на Самоопределување, Реџеп Сељими и станот на лидерот на ДПК, Кадри Весели, јави Танјуг повикувајќи се на приштински медиуми.
Според некои медиуми, пред куќата на Тачи бил виден и поранешниот министер за правда Абелард Тахири.
Силите на ЕУЛЕКС од утрово се и во седиштето на Демократската партија на Косово, додека пред просториите на партијата има припадници на косовската полиција. Полицајци има и пред семејните домови на Сељими, Тачи и Весели, јави и агенцијата Бета.
Специјалното обвинителство во Хаг потврди дека во тек се операции на Косово и оти се одвиваат со поддршка на косовската полиција и ЕУЛЕКС.
Подетални информации ќе бидат доставени наскоро, пишува во соопштението.
Судот за злосторства на ОВК во Хаг синоќа ги повика жртвите на кривичните дела од обвиненијата против Хашим Тачи, Кадри Весели, Реџеп Сељими и Јакуп Красниќи да се јават и да учествуваат во судската постапка.
Судот во соопштение наведува дека жртвите можат да се пријават ако можат да покажат дека претрпеле штета, вклучително и физичка, душевна или материјална, како директен резултат на кривичните дела од потврденото обвинение.
„Гласот на жртвите е неопходен за остварување на правдата. Преку нивниот претставник, жртвите кои учествуваат во постапката можат да ги остварат правата што им се дадени според нашите важечки регулативи и да се погрижат нивниот глас да биде слушнат пред надлежните судии“,
рече претседателката Екатерина Трендафилова.
Говорејќи за важноста на учеството на жртвите, обвинителот Џек Смит рече дека кривичните дела во обвинението се сериозни и оти во грижата за тоа правдата да се задоволи, не смеат да се заборават страдањата на жртвите.
„Учеството во постапката може да им даде сила на жртвите и да обезбеди нивниот глас да се слушне“,
рече обвинителот Смит.
Довчерашниот претседател на Косово и уште тројца од политичката сцена во земјата, обвинети за воени злосторства како поранешни високи претставници на ОВК, од синоќа се во притвор во Хаг.
Претходно, во текот на денот, Тачи се повлече од претседателската функција, како што најави претходно, чекајќи ја одлуката дали Хаг ќе подигне обвинение против него.