Како што информираа од Кривичниот суд, за осум лица е одреден притвор, за три куќен притвор, додека за лицето по кое сè уште се трага исто така е одредена мерка притвор која ќе почне да важи од моментот за негово пронаоѓање

Притвор и куќен притвор одреди денеска Основниот кривичен суд – Скопје за 12 осомничените за лихварство и перење пари.
Како што информираа од Кривичниот суд, за осум лица е одреден притвор, за три куќен притвор, додека за лицето по кое сè уште се трага исто така е одредена мерка притвор која ќе почне да важи од моментот за негово пронаоѓање.
Министерството за внатрешни работи претходно денеска соопшти дека се лишени од слобода 11 лица за лихварство и перење пари, додека по едно лице се уште се трага.
Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал при МВР, во координација со Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) извршило претреси на повеќе локации низ Скопје и ги лишило од слобода 11 лица.
Од МВР рекоа дека имаат поднесено кривична пријава против 11 лица, како и против 35-годишниот Б.К. за кој велат дека во моментов е недостапен за органите на прогонот.
Деветмина од осомничените, од почетокот на 2022 година до денес, се организирале во криминална група која се занимавала со лихварство. Искористувајќи ја тешката финансиска состојба на оштетените лица, тие позајмувале пари со договор за несразмерна имотна корист, договарајќи камата од пет до 15 отсто месечно, со дополнително зголемување за секое задоцнување.
Се сомнева дека осомничените се стекнале со противправна имотна корист изразена во парични средства од 125 033 527 денари, прибавена преку лихварство.