Со намера да го изиграат договорот, осомничените не ги извршиле обврските и ги повредиле правилата остварувајќи корист од големи размери за кривично одговорното правно лице, а на штета на државниот буџет во вкупен износ од 10 304 324 094 денари или околу 167 549 985 евра
Судија на претходна постапка вечерва одреди притвор за Ратко Капушевски, генерален директор на фирмата РКМ за трговија со енергенси и нафтени деривати и на уште две лица опфатени со истрагата за набавка на мазут за ТЕЦ Неготино, а куќен притвор за Асмир Јахоски, сопственик на компанијата „Пуцко петрол“.
„Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на Основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО-ГОКК) за определување мерки притвор и мерки за обезбедување присуство против 13 лица, поврзани со истрагата за набавка на мазут за ТЕЦ Неготино, а кои дел беа спроведени во судот во попладневните часови, донесе решенија со кои, по прoизнесување на јавниот обвинител и осомничените во присуство на нивни бранители, во однос на предложените мерки, како и ценење на приложените факти, го прифати предлогот на јавниот обвинител со кој на Р.К., А.М. и Е.С. им определи мерка притвор во траење од 30 дена, а заради постоење на основите од чл. 165 ст.1 т. 1 и 2 односно опасност од бегство и околности кои укажуваат дека ќе ја попречи истрагата со влијание на сведоци. Во однос на осомничениот А.Ј., по произнесување на осомничениот пред судија на претходна постапка Јавниот обвинител се согласи за промена на предлогот за определување мерка притвор со предлог за определување на мерка куќен притвор, што беше прифатено од судијата на претходна постапка“,
информираат од Основниот киривичен суд – Скопје.
За останатите седум осомничени кои беа спроведени во судот, судијата го прифати предлогот на јавниот обвинител и донесе решение за определување на мерки за претпазливост, се додава во соопштението на Судот.
Против овие решенија странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет.
Како што соопштија претходно од Обвинителството, во периодот на 2021 – 2023 година двајца осомничени, во својство на основачи и управители на кривично одговорното правно лице свесно повредувајќи ги прописите за постапката за јавен повик за набавка на мазут за потребите на ТЕЦ Неготино поднеле невистинита документација. Со намера да го изиграат договорот не ги извршиле обврските и ги повредиле правилата остварувајќи корист од големи размери за кривично одговорното правно лице, а на штета на државниот буџет во вкупен износ од 10 304 324 094 денари или околу 167 549 985 евра.