Претставниците на Судот, Обвинителството и Адвокатската комора денеска на брифинг со новинарите уверуваа дека од нивна страна ќе бидат преземени сите неопходни чекори за да се обезбеди фер, ефикасна и транспарентна судска постапка
До новинарите и јавноста беше упатен апел од судскиот процес да известуваат објективно и професионално и да се воздржуваат од сензационализам, поради почит кон жртвите и нивните блиски и сите страни во постапката
„Проблеми и предизвици ќе има, дел од нив ќе се појавуваат на самите рочишта, дел ќе мора да се решаваат ад хок, но убедени сме дека нема да има никакво одолговлекување на постапката“, беше кажано на брифингот.
За точно една недела од денеска ќе почне судскиот процес за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, кој однесе 63 млади животи, а повеќе од 200 беа повредени. Локацијата каде ќе се одржува судењето, за кое постои големо исчекување не само во јавноста туку и кај надлежните институции, е дигиталната судница во рамките на Казнено-поправната установа „Идризово“. Беше избрана уште пред неколку месеци пред сè поради просторните капацитети и поради техничките можности.

На клупите за обвинети, нивните адвокати, оштетените и нивните полномошници и обвинителите, денеска седнаа новинарите, а спроти нив, местата што следната среда ќе исполни судечкиот совет седнаа в.д. претседателката на Основниот кривичен суд Скопје, како надлежен за организација и водење на постапката, Даниела Димевска, државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски и претседателот на Адвокатската комора на Република Северна Македонија, Љубомир Михајловски.
За што станува збор?
Првите луѓе на овие институции одржаа брифинг за новинарите, на кој тема не беше самиот предмет, туку организацијата на судењето и подготовките за него од технички аспект.
Уште на почетокот беше кажано дека се работи за еден од најсложените случаи, од повеќе аспекти – големиот број обвинети, огромната бројка оштетени, адвокатите на секого од нив и интересот на јавноста за случајот.
38 обвинети и уште толку адвокати
Претставниците на Судот, Обвинителството и Адвокатската комора во своите обраќања пред новинарите уверуваа дека од нивна страна ќе бидат преземени сите неопходни чекори за да се обезбеди фер, ефикасна и транспарентна судска постапка.
На ниво на задачата се очекува да бидат и новинарите, кои имаа можност дополнително да се информираат за протоколите и организацијата на судењето и да дадат свои сугестии.
До новинарите и до јавноста беше упатен апел од судскиот процес да известуваат објективно и професионално и да се воздржуваат од сензационализам, поради почит кон жртвите и нивните блиски и сите страни во постапката.
На обвинителна клупа треба да седнат вкупно 38 обвинети, односно 35 физички лица и три фирми.
Бројот на обвинети физички лица е 35, бидејќи на рочиштето следната среда покана е испратена и до сопственикот на агенцијата за обезбедување „Рубикон“, што го обезбедувала „Пулс“, за кого Обвинителството поднесе обвинение подоцна. Судот в среда треба да одлучи дали ќе го спои обвинението против него со, условно кажано, главниот предмет.
Имајќи ја предвид бројката на обвинети, проценките се дека заедно со нивните бранители бројот на овие странки во постапката ќе изнесува околу 67. Дополнително треба да се земат предвид и оштетените и нивните полномошници, односно адвокати, кои се во уште поголем број.
Обвинението, како што кажа вчера Коцевски, а повтори и денеска, ќе можат да го застапуваат вкупно 15 обвинители.
По две рочишта неделно
Пред предизвик ќе биде и судската полиција, но и лекарите, бидејќи освен што ќе биде побарано присуство на медицински екипи во близина на судницата за време на рочиштата, ќе се заостри и проверката на оправдувањата за евентуално отсуство на некој од обвинетите, сè со цел да не дојде до прекин и одолговлекување на процесот.
Кога станува збор за ова прашање, покрај 19 ноември, за кога е закажан почетокот, веќе се одредени уште неколку термини за рочишта.
Судот ќе преземе засилени безбедносни мерки, вклучително и присуство на лекарска екипа. Надлежните упатија апел до медиумите и до јавноста за достоинствено и одговорно известување, без сензационализам, со почит кон жртвите и сите страни во постапката.
„Досега се насрочени расправи на 19, 25 и 26 ноември. Потоа се продолжува на 2., 4., 10. и 11. декември, а на првото рочиште од главната расправа ќе се усогласат и други термини до крајот на оваа година, заедно со адвокатите и обвинителите“,
беше кажано на брифингот.
Беше пренесена и заложбата на судијката Диана Груевска-Илиевска, која ќе претседава со судечкиот совет, во однос на темпото со кое ќе се води постапката, а која предвидува во текот на една работна недела да се одржуваат по две рочишта, со одредени паузи кога евентуално ќе се наложи потреба за некаков увид.
Обраќајќи се до новинарите, в.д. претседателката на Кривичен, која и го организира денешниот брифинг, кажа дека тие ќе бидат очите и ушите во овој предмет.
„Сакаме да обезбедиме фер постапка, којашто ќе зависи од сите учесници – обвинителите, бранителите, полномошниците, односно адвокатите, јавноста, односно вас, медиумите. Главен предуслов е да имаме почит и достоинство, што е предуслов судот да може да работи. Точно е дека Судот е независен, нема да подлегне на секојдневните притисоци и интереси. За процесот на известување се обезбедени сите потребни услови. Како претседател на Судот ќе се залагам процесот да биде јасен, предвидлив и достапен за граѓаните, затоа и ќе се потрудиме да обезбедиме максимална транспарентност“,
рече таа.

За адвокатите, Димовска посочи дека тие ќе ја имаат клучната улога во објаснувањето на правилата на нивните странки, особено застапниците на оштетените, особено во делот дека оние што се сведоци нема да можат да ја следат постапката се до нивното испитување, бидејќи во спротивно би можеле да им биде одземено правото да сведочат.
„Сигурно ќе имаме многу предизвици. Еден од тие е, на пример, е што Здружението на жртви побара веќе да им биде доставен доказниот материјал, но во обвинението не можеме да знаеме дали станува збор за сведок на настанот или сведок оштетен кој ќе се произнесе за имотно-правно побарување и истите дали се упатени до Обвинителството“,
рече в.д. претседателката на Кривичен.
На штрек ќе бидат и лекарите
Во однос на техничките прашања, кажа дека нема да биде дозволено да се снимаат кадри од судечкиот совет, туку само од обвинетите и нивните бранители. Кажа дека ќе бидат преземени и безбедносни мерки.
„Од здравствените домови е побарано да имаме и лекарска екипа во близина на судницата, бидејќи е прилично оддалечена од градот, ако има потреба за интервенција… Упатувам апел и до лекарите коишто најчесто издаваат боледување и медицинска документација дека некој не може да следи судењето, мора да има поригорозни проверки од вообичаено“,
рече таа.

Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски рече дека досега собраниот доказен материјал е обемен и дека обвинителите се подготвени за судење, за кое очекува и е убеден дека ќе се одвива максимално ефикасно и фер за сите странки.
Кажа дека Обвинителството ќе преземе сè што е во рамките на својата надлежност да помогне во тоа и да не дозволи ниту едно рочиште да биде одложено по негова вина.
„И токму од таа причина донесовме одлука за проширување на обвинителскиот тим и сега бројот можеби ќе достигне и до 15 јавни обвинители кои имаат овластувања да постапуваат по овој предмет, со што дел од обвинителите што беа во истрага ќе останат, но тимот се проширува за уште двајца обвинители. Но тоа не значи дека сите постојано ќе бидат во судница. Според плановите тие треба да бидат присутни на првото рочиште, а потоа согласно динамиката на судење и институциите чии дејствија ќе бидат предмет на конкретно рочиште ќе продолжат да работат и да постапуваат и да застапуваат во тимови. Целта на ваквата организација е да се овозможи ефикасност на постапката, но и да не се наруши останатата работа на Обвинителството, кое и онака нема доволно кадар“,
рече Коцевски.
Претседателот на Адвокатската комора, Љубомир Михајловски, од своја страна рече дека лично не е вклучен во случајот, ниту како бранител на обвинети ниту како полномошник на оштетените.
Тој рече оти како Комора сметаат дека на адвокатите ќе им се овозможат добри услови за да настапат, како што кажа, на ова судење. Како специфично за адвокатите го наведе тоа што тие се јавуваат и како бранители на обвинетите и како полномошници на оштетените.
„Ова го кажувам затоа што имаме многу обвинети, но имаме и многу оштетени, така што адвокати ќе се јават повеќе. Ние во Комората разговаравме дека сите адвокати мора да се однесуваат така за да помогнат на Судот да го спроведе судењето брзо и во една фер постапка. Се разбира, нема да дозволиме да се прекршува Законот за кривична постапка (ЗКП), односно да се нарушат правата и на обвинетите и на оштетените. Ова го кажувам затоа што знам дека во оваа судница ќе има правна борба. Судот е тој што ќе ги носи крајните одлуки, меѓутоа цениме дека судечкиот совет што ќе го води ова судење е стручен, судиите се постари судии, мислам претседателот на Советот е постар судија, којшто е искусен, така што ако има почитување меѓу странките во предметот, сигурно дека ќе помогнеме да има квалитетно судење. Во наредниот период сигурно ќе има различни мислења за тоа како се одвива судењето. Ова го кажува затоа што и медиумите имаат одговорност да пренесуваат точно што се случува во судница“,
рече Михајловски.
Тој додаде дека Судот ќе мора да вложи напори и околу осигурувањето на безбедноста.

Ние како адвокати не очекуваме дека ќе има физички напади, но ќе има голем број учесници кои ќе доаѓаат, ќе излегуваат, така што редот во судницата е тежина на Судот, и ние адвокатите ќе настојуваме да нема проблеми при влегувањето и сместувањето во судницата“, рече претседателот на адвокатската комора.
Пренос на судењето во живо?
Прашањата и сугестиите кои дојдоа до новинарите се однесуваа во најголем дел на условите за следењето и известувањето на рочиштата, евидентирањето на акредитираните претставници на медиумите и нивното внесување во записник.
Меѓу другото, стана збор и за пренос на судењето во живо.
Од Судот беше кажано дека имало обид да се створат технички услови за такво нешто, но не биле реализирани поради локалните избори.
Новинарите пак потсетија дека според одлука на Врховниот суд во живот може да се пренесуваат рочиштата од воведните зборови, завршните зборови и од изрекувањето на пресудата.
В.д. претседателката во таа насока изрази подготвеност и најави средба со директорот на држвната новинска агенција – МИА, за да се разгледаат можностите за евентуален пренос во живо на овие рочишта.
Инаку, како што беше, кажано, освен просторот во судницата, за новинарите ќе има и посебна просторија од која ќе може да известуваат, да пишуваат прилози и во исто време да го следат тоа што се случува во судницата.

Од утре ќе почне и поставувањето дополнителен ред столчиња и клупи за обвинетите, адвокатите и за делот наменет за јавноста.
Од Кривичен велат оти за организацијата на судењето побарале слични случаи во земјите од регионот, но не наишле на такви, што дополнително го става пред предизвик Судот, но и другите институции.
„Проблеми и предизвици ќе има, дел од нив ќе се појавуваат на самите рочишта, дел ќе мора да се решаваат ад хок, но убедени сме од судијата да нема никакво одолговлекување на постапката“,
беше кажано денеска.
