Обвинителот на Основното јавно обвинителство Скопје, Александар Марковски, пред судот наведе дека поради новите докази што ги прибрале во меѓувреме сменет е диспозитивот на обвинителниот акт, со што Зоран Јованов наместо за предизвикување општа опасност сега се гони за поблаго дело – загрозување на безбедноста во сообраќајот

Денешното рочиште со кое требаше да почне судскиот процес против Зоран Јованов, таткото на Васил Јованов, кој смртно ја прегази Фросина Кулакова, се одложи.
Причината беше што во судницата не беше присутен обвинетиот Зоран Јованов и неговиот адвокат Сашо Дуковски.
Како што појасни судијката Снежана Марковска, судот направил два обиди да му ја достави на обвинетиот поканата за рочиштето заедно со обвинителниот акт, но поканата се вратила како неуредна достава, односно не можеле да го најдат на адресата што ја имаат во судот.
По ова било известено Министерството за внатрешни работи за да потврди дека нема промени во адресата на живеење, но од МВР судот сè уште не добил повратен одговор дека го нашле на адресата.
Како неуредна се вратила и доставницата упатена до адвокатот Сашо Дуковски.
Од странките во постапката на денешното рочиште беше присутен само обвинителот на Основното јавно обвинителство Скопје, Александар Марковски.
Тој пред судот наведе дека поради новите докази што ги прибрале во меѓувреме сменет е диспозитивот на обвинителниот акт со што Зоран Јованов наместо за предизвикување општа опасност сега се гони за поблаго дело загрозување на безбедноста во сообраќајот.
„Со оглед на тоа што во скратената постапка и за релативно кусо време беа прибавени значителен број докази, па поднесено обвинение за кривичното дело според член 288 од Кривичниот законик (КЗ), но како пост фестум надојдоа и други докази па поради изменетата фактичка состојба и начелото на специјалитет Јавното обвинителство направи измена на диспозитивот на обвинителниот предлог поради што правното дејствие требаше да се супсумира со друга правна квалификација и сега обвинетиот се гони за загрозување на безбедноста во сообраќајот. Станува збор за нијанса поблаго кривично дело, но измената беше неминовно да се направи затоа што начелото на специјалитет наложува секогаш да се интервенира во оваа насока кога една норма ќе ги содржи сите обележја на претходната, но ја опфаќа криминалната содржина од друг аспект, а во случајот тоа е загрозување на безбедноста на сообраќајот”,
рече обвинителот Марковски додавајќи дека ова измена подетално ќе биде елаборирана на следното рочиште во воведните зборови.

Измената на кривичното дело значи дека на Зоран Јованов ќе му се суди за загрозување на безбедноста само во сообраќајот за разлика од претходното дело кое е поопшто во првана смисла, односно претпоставува поширок опсег на дејствија при кои била загрозена безбедноста. Па така, и казната е различна. За делото предизвикување општа опасност е предвидена од парична казна до три години затвор, додека за загрозување на безбедноста во сообраќајот е од парична казна до една година затвор.
Следното рочиште судијката Марковска го закажа на 3 септември.
Инаку, Марковска го судеше и предметот против Васил Јованов за прегазувањето на Фросина Кулакова. Таа младиот Јованов на 13 мај го прогласи за виновен и го осуди на 12 години затвор. Обвинението во овој предмет исто така го застапуваше обвинителот Александар Марковски.
Тодор Кулаков, таткото на Фросина, по денешното рочиште обвини за правен инженеринг и изрази сомневање поради тоа што иста судијка ги води двата предмети. Во таа насока тој најави кривични пријави.
Пред почетокот на денешното рочиште, на платото пред Основниот кривичен суд беа поставени транспаренти на кои пишуваше „Нови членови во законот, а потоа во Судскиот совет“ и „Експертски судски реформи“, а на нив стои своевиден потпис „Кој е следен“.