Тоа значи дека државите што не преземаат или преземаат недоволно мерки за заштита на планетата од климатските промени го кршат меѓународното право, соопшти Меѓународниот суд на правдата во Хаг, кој е најголемо правно тело на ОН

Највисокиот суд на Обединетите нации денеска пресуди дека земјите што ги прекршуваат обврските за заштита на климата според меѓународните договори би можеле под одредени околности да бидат правно одговорни.
Тоа значи дека државите што не преземаат или преземаат недоволно мерки за заштита на планетата од климатските промени го кршат меѓународното право, соопшти Меѓународниот суд на правдата во Хаг.
„Неуспехот на една држава да преземе соодветни мерки за заштита на климатскиот систем од емисиите на стакленички гасови – вклучително преку производство на фосилни горива, потрошувачка на фосилни горива, доделување дозволи за истражување на фосилни горива или обезбедување субвенции за фосилни горива – може да претставува меѓународно противправно дело што може да ѝ се припише на таа држава“,
се вели во дел од образложението на судот.
Кршењето на климатските обврски може да предизвика цела низа правни последици, смета судот.
„Судот смета дека чистата, здрава и одржлива животна средина е предуслов за уживање на многу човекови права“,
се вели во резимето на мислењето.
Правното мислење не е обврзувачко, но според експертите, може да влијае на климатските процеси ширум светот.
Иницијативата за случајот пред МСП ја презеде државата Вануату, која се соочува со егзистенцијални закани од покачувањето на нивото на морето предизвикано од глобалното затоплување. За островските држави, тоа е прашање на опстанок, тврдеа претставниците на Организацијата на африкански, карипски и пацифички држави (OACPS) пред МСП.
Во 2023 година, Генералното собрание на ОН му наложи на Меѓународниот суд да подготви мислење за потенцијалните правни последици за државите кои со нивните дејствија и пропусти предизвикале значителна штета на климатскиот систем и други делови од животната средина.
Големите економии како Кина и САД, кои се одговорни за мнозинството емисии на јаглерод диоксид (CO2), ги отфрлаат правните обврски надвор од постоечките договори и се повикуваат на одредбите од климатските конвенции на ОН и Парискиот климатски договор.