ОЈО Битола се уште не е известено за одлуката по поднесената жалба на мерката куќен притвор за осомничениот раководител во РЕК

Кривичниот совет на Основниот суд во Битола го прифати предлогот на Основното јавно обвинителство Битола и на осомничениот сопственик на правното лице „Марковски компани“, Борче Марковски, му е определена мерка притвор.
„Со ова е уважена жалбата и аргументите изнесени од битолското обвинителство, особено во поглед на ризикот од бегство на осомничениот, и е преиначена одлуката на судијата на претходна постапка. ОЈО Битола се уште не е известено за одлуката по поднесената жалба на мерката куќен притвор за осомничениот раководител во РЕК“,
информираат од Обвинителството.
Битолското обвинителство денеска поднесе жалба за одлуката на Судот, со која се предвидуваше двајца од осумтемина осомничени во истрагата за злоупотреби со јавните набавки во РЕК „Битола“, да одат во куќен притвор. Од Обвинителството од Битола бараат мерка ефективен притвор, а како причина за тоа се наведуваат ризици од бегство на осомничените.
Станува збор за еден од раководителите на Рудници во РЕК „Битола“ и за Борче Марковски, сопственикот на фирмата „Марковски компани“, која претходно ги добивала тендерите во Комбинатот и која како правен субјект се сомничи во случајот.