Тој ги тужеше новинарите за „неовластено објавување лични записи“
Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска е објавена пресудата со која се ослободуваат од обвинение новинарите Мери Јордановска и Предраг Петровиќ од „А1 он“, по приватната тужба на пратеникот и лидер на Левица, Димитар Апасиев.
Тој ги тужеше новинарите за неовластено објавување лични записи според член 148 од Кривичниот законик, информираат од Здружението на новинари на Македонија.
Од ЗНМ појаснуваат дека на постапката, која траела речиси една година, тужителот не се појавил лично ниту еднаш на рочиште, а новинарите повеќепати биле присутни на рочишта во судот каде што ја застапувале својата одбрана.
„Државните функционери мора да сфатат дека функцијата ја вршат 24/7 и се поподложни на јавна критика, без разлика дали одговараат на електронска пошта, СМС-порака, службен или приватен телефон. И кога ние како новинари ги бараме, ги бараме во име на јавноста, за работи кои се од јавен интерес, па оттаму не смее да се воспоставува практика на воведување страв и цензура“,
изјави новинарката Јордановска по пресудата.
Со оваа пресуда, велат од Здружението, се потврдува ставот на новинарите дека не станува збор за објава на личен запис, туку за информација која е од јавен интерес, како и тоа дека новинарските прашања кон Апасиев, во дадениов случај, се легитимни и вредни за вниманието на јавноста.
„Во одбраната на новинарите се истакнува праксата на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) според која границите на јавна критика се пошироки за носителите на јавни функции отколку за приватни лица и тие потребно е да имаат поголем праг на критика“,
нагласуваат од ЗНМ.
Од Здружението на новинари на Македонија велат и дека ваквите тужби во контекст на Советот на Европа се познати како стратегиски тужби за спречување јавно учество (SLAPP). Овој вид тужби, нагласуваат од ЗНМ, служат да се предизвика заплашување и правни трошоци или едноставно исцрпување на тужените, во случајов на критички новинари со цел да се демотивираат или да се откажат од јавна критика.
„Овие тужби, посебно кога се иницирани од политичари и носители на јавни функции, можат да предизвикаат самоцензура кај новинарите, а со тоа да се наруши правото на информирање на граѓаните“,
се потенцира во соопштението од Здружението на новинари на Македонија.