Речиси веднаш по изрекувањето на пресудата бурно реагираше таткото на Фросина, Тодор Кулаков, кој ја напушти судницата извикувајќи: „Судот е мафија”; „Мафија судска”. Тој со емотивната реакција продолжи и во ходникот пред судницата: „Багро судска”
Дванаесет години затвор е казната што Основниот кривичен суд Скопје денеска му ја изрече на Васил Јованов за прегазувањето на младата Фросина Кулакова во сообраќајката што на крајот на јануари годинава се случи во Скопје. Пресудата ја соопшти судијката Снежана Марковска која претседава со Судечкиот совет во врска со предметот.

Речиси веднаш по изрекувањето на пресудата бурно реагираше таткото на Фросина, Тодор Кулаков, кој ја напушти судницата извукувајќи: „Судот е мафија”; „Мафија судска”. Тој со емотивната реакција продолжи и во ходникот пред судницата: „Багро судска”.
Пред изрекувањето на пресудата, судијката Марковска се осврна на кривичното дело тешки тела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот за која рече дека е предвидена затворска казна од најмалку четири години, а највисоката казна според Кривичниот законик може да изнесува 20 години. Таа рече дека при одредувањето на пресудата и видот и висината на казната биле земени предвид отежнителните и олеснителни околности во однос на обвинетиот.
„Судот го ценеше дејствието на обвинетиот кој се состоеше на бланкетно кршење на правила во сообраќајот… Она што судот го цени како отежнителна околност е загубата на животот на една млада личност. Во ова смисла судот ја имаше предвид последицата на ова дело кое несомнено предизвика згрозување од делото на обвинетиот и вознемиреност од загубата на младиот живот. Како отежнителна околност е неговиот поранешен живот. Обвинетиот е правосилно осуден за кривичното дело неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги за кое е осуден на 3 години 6 месеци казна затвор која не ја отслужил”,
кажа судијката за време на изрекување на пресудата.
Таа додаде дека и покрај ова обвинетиот продолжил со несвесното однесување. Како олеснителни околности ги наведе признанието на вината, тоа што станува збор за млада личност, како и тоа што пред настанот бил редовен студент и имал спортски успеси.
„Обвинетиот Васил Јованов е виновен затоа што без возачка, на црвено, под дејство на алкохол поминал на пешачки и удрил во пешакот Фросина Кулакова, која поминувала на зелено светло, и од кои се здобила со тешки повреди од кои на лице место настапила смрт. Судот го осудува на казна затвор од 12 години, во кое му се засметува и времето поминато во притвор, забрана за управување со возило од пет години и да плати парична казна и трошоци за судската постапка“, рече судијката Марковска, изрекувајќи ја пресудата.
Судечкиот совет по десетминутно советување го прифати предлогот на обвинителот Александар Марковски, на Васил Јованов да му биде продолжен притворот до правосилноста на пресудата. На пресудата странките имаат право на жалба пред второстепен суд, односно Апелацискиот суд Скопје.