Како што информираат од Судот, на Димитровска, по предлог на ОЈО ГОКК, ѝ е одземен пасошот, а определена ѝ е и забрана за преземање одредени работни активности поврзани со кривичното дело
Основниот кривичен суд во Скопје и определи мерки на претпазливост на претседателката на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), Татјана Димитровска, која е осомничена во предметот „Адитив“.
Како што информираат од Судот, на Димитровска, по предлог на ОЈО ГОКК, ѝ е одземен пасошот, а определена ѝ е и забрана за преземање одредени работни активности поврзани со кривичното дело.
„Во однос на осомничената Т.Д. која доцна попладнево беше изведена пред судија на претходна постапка во однос на продолжување на акцијата во јавноста позната како ‘Адитив’, по нејзино произнесување во однос на предлогот на ЈО за определување мерки за претпазливост, донесено е решение со кое се прифаќа предлогот на ОЈО ГОКК и се определуваат мерки за претпазливост согласно точка 3 и точка 7 односно, привремено одземање на патната исправа и забрана за издавање нова; и забрана за преземање на одредени работни активности поврзани со кривичното дело“,
се наведува во соооштението на Судот.
Од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) попладнево информираа дека во рамките на предметот „Адитив“, од прибраните докази, е донесена наредба за спроведување истрага за уште три лица.
Како што дознава „360 степени“, претседателката на Антикорупциска комисија е осомничена за кривичното дело оддавање службена тајна, а наводно до информациите се стигнало преку вештачење на телефоните на дел од обвинетите во случајот „Адитив“.
Од ОЈО ГОКК, за проширувањето на предметот „Адитив“ со Димитровска и уште двајца осомничени, повеќе детали најавуваат за утре.
Инаку, случајот „Адитив“ се однесува на криминал во државната компанија „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ), тежок 6,5 милиони евра.
Обвинети се вкупно 31 лице, а меѓу нив се и ексдиректорот на ЕСМ, Васко Стефанов, како и неговиот претходник на функцијата, Васко Ковачевски, кој се наоѓа надвор од државата и по кого е распишана меѓународна потерница. Обвинет е и поранешниот директор на ТЕЦ „Неготино“, Небојша Стојановиќ.