Претседателката на Советот на Општина Центар Јана Белчева се повлече од функцијата, оградувајќи се предвреме од одлуките што советниците требаше да ги донесат на денешната седница.
Белчева се огласи на нејзиниот Фејсбук профил, велејќи дека не може да биде дел од група која не е спремна за прогрес, но не посочува што конкретно е причина за несогласувањата во Советот и дали се повлекува само од функцијата претседавач или и од советник во општината.
„Јас не можам да се приклонам кон група во која мнозинството не е спремно за прогрес, не сакам да сум во мнозинство кое лесно се приклонува калкулирајќи со личен бенефит или комфор, не сакам да сум дел од тим без желба за транспарентност, споделување, но и знаење и информации потребни за да донесат одлуки. Не сакам да сум со мнозинство кое нема капацитет ниту волја за размислување, за идеи, прашања, дебати, критички информации“,
пишува Белчева.
Таа вели дека се оградува од денешните одлуки на седница на Советот бидејќи, како што вели, Општината дозволила упад во процедурата на закажување на продолжение на седницата бидејќи таа не го свикала Советот и селективно се избирало кој ќе биде информиран за присуство.
„Дополнително, со постапките денес се заобиколуваат и уредбите на Владата за работа на Советот. Се нема интерес да се дознае како се спроведуваат одлуките ниту надлежностите на службите во Општината, нема интерес да се знае како се реализира буџетот за да се предвидат и предложат приоритетните активности, се нема иницијатива за прогрес, туку напротив, се дозволуваат назадни, ризични, конзервативни и нетранспарентни процеси. Многу пати претходно бев ставена во позиција да потпишувам одлуки за кои сум гласала ’против‘, но мнозинството гласало ’за‘. Се оградував низ издвоени мислења некогаш сама некогаш со други колеги“,
вели Белчева.
Белчева е во Советот на Општина Центар од локалните избори во 2017 година. По победата на изборите, таа беше избрана за претседател на Советот. Таа е граѓанска активистка дел од иницијативата „Во одврана на Дебар Маало“, а како дел од договорот помеѓу СДСМ и иницијативата, таа беше носителка на советничката листа за Центар во 2017.
Покрај градоначалникот Саша Богдановиќ, СДСМ има и стабилно мнозинство, односно доминација во Советот во општина Центар.
