Поради необјективното и пристрасно работење на Агенцијата за филм во ланскиот конкурс за финансирање на краткометражни и долгометражни филмови, „Транспаренси“ им препорача на Владата и на ресорното министерство да побараат од Агенцијата да го повтори конкурсот за 2022 година откако ќе обезбеди целосна непристрасност и објективност кај сите учесници. На Владата дополнително ѝ се препорачува да ги преиспита одлуките на Агенцијата за филм во овој конкурс и да преземе соодветни мерки
Агенцијата за филм постапила незаконски при распределба на средствата за минатогодишниот конкурс за финансирање на краткометражни и долгометражни филмови, констатира „Транспаренси интернешнл – Македонија“, притоа посочувајќи дека во конкретниот конкурс е евидентен судирот на интереси во постапувањето на Агенцијата.
Претседателката на „Транспаренси Македонија“, Слаѓана Тасева, потенцира дека Законот за филм е јасен – забранува проекти да поднесуваат лица коишто работат во Агенцијата или учествуваат во изборните органи. Сепак, како што вели, утврдено е дека меѓу подносителите на проекти, односно меѓу учесниците на конкурсот, имало и две лица кои учествуваат во органите за одлучување, односно се рецензенти.

Тасева додава дека тие проекти биле повлечени дури откако „Транспаренси“ ја отпочнал постапката на мониторинг и анализа, но прашува како би се спровела оваа и другите постапки во слични ситуации за кои, како што рече, никој не се заинтересирал.
„Втората ситуација на ризик од судир на интереси или на ризик за пристрасно одлучување е кога имаме две лица кои претходно биле разрешени од нивните функции по интервенција од лице коешто сега се јавува како учесник на конкурсот со сопствен проект и тие истите лица му се назначени да ја вршат рецензијата, односно да ја оценат финансиската оправданост на проектот. Ние имаме две ситуации на судири на интереси, кои по својата содржина и форма се различни, но се незаконити и ја загрозуваат легитимноста на постапката за доделување средства по овој конкурс“,
нагласи претседателката на „Транспаренси интернешнл – Македонија“.
Агенцијата за филм, нагласи Тасева, не обезбедила непристрасност и објективност кај сите учесници од минатогодишниот конкурс при распределба на средствата, поради што се исполнуваат условите тој да е оценет како нелегитимен и незаконски.
Поради тоа, „Транспаренси“ им препорача на Владата и на ресорното министерство да побараат од Агенцијата да го повтори конкурсот за 2022 година, откако ќе обезбеди целосна непристрасност и објективност кај сите учесници. На Владата дополнително ѝ се препорачува да ги преиспита одлуките на Агенцијата за филм во овој конкурс и да преземе соодветни мерки.
„Агенцијата за филм со ваквиот начин на работа каде што е евидентен судирот на интереси создава слика дека става во повластена положба одредени филмски работници, односно, дозволува фаворизирачко однесување и затоа бараме овој конкурс да биде повторен“,
нагласи Тасева, додавајќи дека сите аргументи и елементи ги даваат на располагање на јавниот обвинител.
Во оваа насока, на Владата, односно на Министерството за култура, „Транспаренси“ им се препорачува да воспостават правила и соодветна процедура за ризиците од судирот на интереси, но и воспоставување на систем на санкции за непочитување на овие правила.