Ситуацијата на аеродромот во Кабул и понатаму е нестабилна. Германската армија објави дека во близина на аеродромот избил судир и дека едно лице загинало
Денеска изби судир меѓу авганистанските безбедносни сили и непознати напаѓачи на северната порта на аеродромот во Кабул, објавија германските вооружени сили на Твитер.
Heute Morgen um 04.13Uhr MESZ kam es am North Gate des Flughafens #Kabul zu einem Feuergefecht zwischen afghanischen Sicherheitskräften und unbekannten Angreifern. Eine afghanische Sicherheitskraft wurde dabei getötet, drei weitere verwundet. pic.twitter.com/4FLILE1NVA
— Bundeswehr im Einsatz (@Bw_Einsatz) August 23, 2021
Еден припадник на авганистанските безбедносни сили загина, а тројца се повредени во судирот во кој учествуваа и припадници на НАТО и германските сили, објави Бундесверот, пренесува Ројтерс.
На аеродромот во Кабул ситуацијата во овој момент е нешто посмирена, пред сѐ затоа што талибанците ги ставија во колони луѓето што чекаат на аеродромот. Аеродромот ќе остане затворен два дена со цел да се евакуираат сите што пристигнале досега. Откако талибанците дојдоа на власт на аеродромот и во неговата околина, загинаа 20 луѓе што чекаа да бидат евакуирани.
Американскиот претседател Џо Бајден во своето обраќање до јавноста рече дека приоритет е американските граѓани да бидат евакуирани од Авганистан што е можно побрзо и побезбедно. Тој вели дека американската армија ја проширила безбедносната зона околу аеродромот и дека засега талибанците соработуваат.
Нагласи дека приоритет е американските граѓани да го напуштат Авганистан што е можно побрзо и побезбедно.
Сепак, вели дека американската армија работи и на евакуација на авганистанските партнери и граѓаните на сојузничките земји.
„Ние докажуваме дека можеме да евакуираме илјадници луѓе дневно од Кабул, не само Американци туку и граѓани на нашите сојузници во НАТО, авганистански цивили кои ни помагаа. Но, имаме уште долг пат и многу работи можат да тргнат наопаку, но евакуирање на 30 000 луѓе за една недела е голем придонес на нашите војници во Кабул “,
рече Бајден.
Британија досега евакуираше 5 700 луѓе од Авганистан. Лондон утре ќе биде домаќин на виртуелниот Самит на Г-7. Премиерот Борис Џонсон рече дека ќе воведе нови санкции против талибанците за време на дискусијата за кризата во Авганистан. Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека ќе го поддржи британскиот предлог.
Обединетите нации проценуваат дека во земјата има повеќе од 3,5 милиони раселени Авганистанци, од кои многумина имаат основни потреби како храна, чиста вода и засолниште и повикуваат на побрза меѓународна помош.